Бесплатна деконтаминација на земјоделските површини во Велес, со зеолит и маслодајна репка
Со минералот зеолит и со засадување на маслодајна репка, ЕД Вила Зора ќе ја деконтаминира велешката почва. Процесот на деконтаминација ќе го отпочне на стартот од наредната година со поддршка на приватниот сектор и амбасадите во Република Македонија. Со минералот зеолит кој има својство да ги врзува позитивно наелектризираните метали како што се оловото, цинкот, кадмиумот и да создава комплекси кои растенијата не можат да ги апсорбираат, ќе се чистат земјоделските површини на кои се засадуваат земјоделски култури. Со маслодајната репка пак ќе се деконтаминираат поголемите површини на кои моментално не се произведува храна.
„Ги повикуваме сите земјоделци од Велес и велешко да се јават во нашето друштво за да се договориме за начинот и времето на деконтаминација на земјоделските површини. Тоа ќе го спроведуваме секако со стручни лица . Деконтаминацијата на површината ќе ја вршиме бесплатно. Повеќе нема да бараме поддршка од институциите, која досега за жал не ја добивме. Веќе не молиме никого, ние сами во соработка со земјоделците кои имаат желба да им се деконтаминира почвата ќе го отпочнеме процесот“, рече претседателот на ЕД Вила Зора, Ненад Коциќ.
Екологистите го стопираа процесот на деконтаминација на јавните површини во Велес со засадување на рози поради како што велат неодговорниот однос на локалната заедница пред се на ЈКП „Дервен“,. Заради реконструкција на Градскиот парк комуналното претпријатие ги отстрани розите и по три години молење излезе во јавноста со информација дека розите се вратени па украдени.
„Ние не веруваме во тоа бидејќи секој заинтересиран граѓанин можеше да дојде и да си земе рози и да ги насади дома. Не навреди и ставот на општината дека тие биле само партнери и дека само го поддржувале проектот и немале никакво учество. Знаете и сите дека на првото засадување во Градскиот парк беа поканети и гости од страна на тогашниот градоначалник. Најмалку што можат да направат е да се извинат за ваквиот однос и да ги вратат назад тие 3.500 рози кои наводно биле украдени“, рече Коциќ.
Зеолитот не е погоден за детоксикација на јавните површини, сметаат екологистите . Тие велат дека минералот создава комплекси кои растенијата не ги апсорбираат но остануваат во почвата и лесно можат во форма на прашина да стапат во контакт со граѓаните. Затоа според нив розите се најпрактичниот начин за извлекување на тешките метали од почвата.
Велешките екологисти од ЕД Вила Зора ја продолжуваат борбата за здрава животна средина и поквалитетен живот на граѓаните. На тоа ги поттикна и наградата за човекови права што годинава им ја додели Француската амбасада во Македонија.