Жителите на Битола, Тетово и Скопје печките на дрва ќе можат да ги заменат за инвертери. Замената ќе биде бесплатна во рамките на проект на Владата и Државни електрани со цел намалување на аерозагадувањето Од оваа грејна сезона жителите на најзагадените градови во државата Битола, Тетово и Скопје печките на дрва ќе можат да ги заменат за инвертери. Замената ќе биде бесплатна во рамките на проект на Владата и Државни електрани со цел намалување на аерозагадувањето, за време на зимските месеци кога ПМ 10 честички и по неколку пати ги надминуваат граничните вредности.
Оваа новина на Владата ја најави лично премиерот Зоран Заев при посетата на Пелагонија каде во исто време се гради гасовод.
-Од претстојната грејна сезона ќе овозможиме бесплатна замена во домаќинствата на печките кои користат огревно дрво и фосилни горива, со високо коефициентни инвертери, прво во Битола, Скопје и Тетово а потоа и други градови ќе почнеме со имплементација на ваквиот проект со кој Владата и ЕСМ почнаа со подготовка. Бидејќи ЕСМ преку РЕК Битола и РЕК Осломеј има нанесено штети врз екологијата од нивното постоење до денес, сега ред е да им помогне на сите домаќинства во државата со примена на високо ефикасни инвентери и други системи на енергетска ефикасност. Трошоците за користење на инвентерите во домаќинствата се значително пониски и од другите начини на греење, вклучувајќи го и огревното дрво, а топлинскиот комфор е далеку поголем, а како дополнителна вредност е можноста за ладење во лениот период. Но, клучно е дека на овој начин заеднички ќе си го заштитиме воздухот кои сите го дишеме и не препознава ниту партија, ниту политика, ниту било каква припадност, рече премиерот Заев.
Она на што се работи за во иднина, е поголема искористеност на еколошките енергенси, но се бараат начини како тие да бидат подостапни за граѓаните. Плановите се битолскиот гасоводен крак да има најголем капацитет за кога ќе дојде време РЕК Битола да може да транзитира кон производство на електрична енергија на гас.
-Гасификацијата на земјата ќе донесе намалување на трошоците за електричната енергија и намалени емисии на штетните гасови во воздухот. Главната мерна регулациона станица Битола е со најголем капацитет во овој крак со 28 илјади кубни метри гас. Ова го нагласувам бидејќи ќе дојде време работата на РЕК од производство на електрична енергија на јаглен да премине во производство на струја кога гасот ќе стане новиот енергенс. Тоа е само дел од нашиот план за намалување на загаденоста на воздухот, рече премиерот Заев. Во исто време со КФВ банката се работи на топловодната мрежа од РЕК Битола кон Битола. Според информациите од Општина Битола до крајот на 2019 година не е предвидено субвенционирање на печки на пелети. Лани, битолчани можеа да ги искористат субвенциите од општинскиот буџет за печки на пелети и велосипеди како мерки против аерозагадувањето.
-На повикот за субвенционирање при купување на велосипеди на 21.11.2018 година, субвенционирани се 194 лица. На повикот за субвенционирање на печки на пелети од 28.11.2018 година, субвенционирани се 100 лица. На повикот за субвенционирање на печки на пелети од 13.05.2019 година, субвенционирани се 25 лица. До крајот на годинава не е предвидено субвенционирање за печки на пелети, се вели во информацијата од Општина Битола за „Зелена берза“.
Изградбата на кракот за магистралниот гасовод во Пелагонија треба да заврши во февруари 2020 година. Кракот од магистралниот гасовод Неготино-Кавадарци-Прилеп – Битола веќе е во Пелагонискиот Регион. Досега се заврешни 70 проценти од оваа делница во вкупна должина од 92 километри, и надминати се голем дел од проблемите при експропријацијата и градбата. Се очекува изградбата на кракот која започна во февруари 2017, а чија крајна точка е Битола да заврши во февруари 2020 година. На оваа делница има три регулациони станици, а битолската е со најголем капацитет. Во Кавадаци капацитетот е од 15 илјади метри кубни на час, во Прилеп 24 илјади метри кубни на час, а во Битола 28 илјади метри кубни на час.
-На оваа делница имаме исклучително добра реализација. Завршивме околу 83 километри од трасата, остануваат уште 9 километри. Имаме заварено околу 67 километри во оваа делница и очекуваме дека до крајот на оваа година ќе имаме реализација на вкупните градежни активности повеќе од 95 проценти, така што на пролет ќе остане мал дел од градежните работи и очекувам дека навреме ќе ја завршиме оваа делница, по што ќе следат испитувања и други законски пропишани активности по што ќе биде пуштена во употреба и ќе можеме да го опслужиме овој регион со гас, изјави директорот на МЕР, Бајрам Реџепи. Градоначалниците на Пелагонискиот Регион да се подготват за секундарната гасификација.
-Гасот доаѓа се поблиску до индустријата и граѓаните, со што се отвораат можности да влеземе во фазата за определување оператори на секундарната мрежа кои ќе треба да го обезбедат преносот и приклучокот на гасот до домаќинствата и индустриските капацитети по конкурентни цени. Многу е важно во овој процес забрзано да работат и општините за да ја градат општинската мрежа и гасот што побрзо да го донесеме до домовите и компаниите, повика премиерот Заев.
Анета Блажевска