Безбедно живинското месо увезено од Полска во Македонија
Последниот поголем случај на пилешко месо заразено со салмонела во Македонија беше во 2007 година кога на депонијата “Дрисла” Агенцијата за храна и ветеринарство уништи 25 тони пилешки мом со потекло од Словачка
Во Македонија увезеното пилешко месо од Полска е безбедно, тврдат од Агенцијата за храна и ветеринарство, додека Хрватска се тресе од аферата полско пилешко со салмонела. Во Хрватска салмонелата била откриена во свежи пилешки гради со потекло од Полска кои се продавале во ланецот супермаркети “Лидл”. Сега “Лидл” ги повикува сите потрошувачи кои се сомневаат дека купиле од месото со салмонела да го вратат на продажните места со што ќе им бидат надоместени трошоците без разлика дали ја чуваат сметката или не. Случајот со неисправно полско пилешко во Хрватска е забележан и наведен и на Системот за брзо предупредување на ЕУ на 11 ноември годинава. Македонската Агенцијата за храна и ветеринарство засега нема добиено никакво известување за небезбедна пратка со пилешко месо од Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската Унија. “Од вкупниот увоз на пилешко месо во земјава (19.941.224 килограми), заклучно со октомври, од Полска се увезени 3.813.775 килограми пилешко месо, што претставува 19 проценти од увезената количина од овој тип на месо. Увозот на месо, вклучително и на живинско и производи од живинско месо во земјава се врши исклучиво од одобрени земји за увоз, од одобрени објекти, задолжително се проследени со ветеринарно здравствен сертификат со кој се гарантира безбедноста на пратката. Дополнителна гаранција за безбедноста се контролите кои ги вршат инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство со задолжителна контрола на секоја увозна пратка на граничните премини, вклучително и на пратките со живинско месо. Контроли се вршат и при истовар на увезените пратки. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и физички преглед на пратките”, велат од АХВ. Од АХВ објаснуваат дека во рамките на одредени мониторинг програми и при сомнеж, од пратките кои се увезуваат се земаат и мостри за лабораториска анализа и не се дозволува увоз во земјава, односно пратките се ставаат под надзор, сe додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна. Освен увозното, под постојана контрола е и домашното производство на пилешко месо. Агенцијата за храна и ветеринарство контролата ја врши почнувајќи од спроведувањето на мерки за здравствена заштита и благосостојба на животните на фармите, контролата на безбедноста на добиточната храна и ветеринарно-медицинските препарати, како и контролата која ја вршат официјалните ветеринари при колење на живината. Дополнителна гаранција за безбедноста се и контролите на операторите со храна кои вршат преработка и продажба на месо од живина и производи од живинско месо. Последниот поголем случај на пилешко месо заразено со салмонела во Македонија беше во 2007 година кога на депонијата “Дрисла” Агенцијата за храна и ветеринарство уништи 25 тони пилешки мом со потекло од Словачка. Од увозниот пилешки мом требаше да се прават сувомеснати преработки.
Од јајца со салмонела почина дете во Хрватска
Минатиот месец во Хрватска од труење со јајца со салмонела почина петгодишно момче. Јајцата кои биле купени од познат ланец супермаркети исто така беа со потекло од Полска. Тогаш од Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија информираа дека во земјава не се увезуваат свежи јајца од Полска и дека увозните јајца кај нас, кои се мали количини, најчесто се со потекло од Србија.