Билјана Талеска: Здружението на земјоделски инжинери „АГРОНОМ 1947“- водечки центар на професионалци во земјава за развој на агросекторот
Здружението на земјоделски инженери „АГРОНОМ 1947“ е новоформирано здружение основано со цел зајакнување на соработката и координацијата меѓу земјоделските инженери во земјата. За идеите, моменталните активности и плановите за делување на Здружението, ви го пренесуваме интервјуто со претседателот Билјана Талеска.
Здружението на земјоделски инженери „АГРОНОМ 1947“ е новоформирано здружение основано со цел зајакнување на соработката и координацијата меѓу земјоделските инженери во земјата.
За идеите, моменталните активности и плановите за делување на Здружението, ви го пренесуваме интервјуто со претседателот Билјана Талеска.
Агротим-Која беше идејата што ве мотивираше да го формирате ова Здружение?
Билјана Талеска: Идејата за основање на Здружението произлезе од група земјоделски инженери кои ја ценат и почитуваат својата професија и сакаат својот ентузијазам и љубовта кон унапредување на професијата да ги пренесат кон своите колеги, помладите генерации и пошироката јавност. Со покоординиран, заеднички и професионален пристап сакаме да покажеме дека професијата земјоделски инженер е атрактивна и особено значајна во развојот и модернизација на земјоделското производство во нашата држава.
Агротим: Која е визијата на Здружение на земјоделски инженери АГРОНОМ 1947 ?
Билјана Талеска: Нашата визија е Здружение да стане водечки центар на професионалци во земјата, кои работат заедно за да создадат конкурентен земјоделско-прехранбен сектор преку пренос на знаење, технологија, информации и иновации во секторот.
Поради тоа Здружението е посветено на зајакнување на соработката и координацијата меѓу земјоделските инженери, на препознавање и промоција на професијата, значајните достигнувања во секторот и влијание во процесот на креирање, следење и имплементирање на иновативни политики во земјоделството и руралниот развој.
Агротим: Кој може да членува во Здружението?
Билјана Талеска: Член на Здружението може да биде секој земјоделски инженер, дипломиран на еден од факултетите во државата. Отворени сме за соработка и заинтересирани за вклучување на сите ентузијасти кои си ја сакаат својата професија и имаат желба да допринесат во уште поголема професионализација и зголемување на атрактивноста на истата. Секако постои можност и за членување и на сите други заинтересирани лица кои ги споделуваат нашите вредности и имаат желба да се вклучат во реализирањето на активностите и постигнувањето на целите на Здружението, како почесни членови.
Агротим: Кои се планираните активности на Здружението?
Билјана Талеска: Уште првата година планираме спроведување на голем број на активности со особен осврт на зголемување на професионализација преку неформалната едукација и советување на членовите на здружението, медиумски настапи за зголемување на видливоста на здружението и професијата и организирање на конференции, семинари, обуки и сличен вид на активности.
Во текот на април 2023 година планираме да организираме промотивен настан за презентација на планираните активности на здружението и да ја најавиме Годишната конференција на земјоделските инженери во државата на која ќе земат учество и претставници на меѓународни организации. На овој настан меѓу другото ќе бидат презентирани новитетите на Заедничката земјоделска политика на Европската Унија и искуствата во нејзина имплементација, размена на информации и соработка со соодветни национални и меѓународни организации.
Во соработка со факултетите од областа на земјоделството планирани се низа активности за промоција на професијата и презентирање на успешни приказни на земјоделсики инженери во државата, со цел мотивација и мобилизирање на младите во актуелните услови на недостиг на земјоделски инженери во државата и зголемен интерес на бизнис секторот за вработување на ваков кадар.
Ќе работиме и на лобирање и зајкнување на соработката со надлежните институции за препознавање на професијата и креирање на политики за унапредување и модернизација на земјоделското производство и развојот на руралните средини. Веќе воспоставивме соработка со здруженија на земјоделски инженери од регионот и ЕУ, со цел пренесување на нивните искуства и поставување на систем за едукација и пристап до најнови информации и иновации во земјоделството.