Битиќи: Првпат по 20 години имаме ребаланс во кој се зголемени капиталните инвестиции
Ребалансот, е направен поради последиците од последниот бран на пандемијата.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи вечерва во емисијата „Вин-вин“ на телевизија Телма изјави дека првпат по 20 години имаме ребаланс на Буџетот во кој се зголемени капиталните инвестиции. Ребалансот, како што посочи, е направен поради последиците од последниот бран на пандемијата.
– После најмалку 20 години имаме ребаланс на Буџет во кој, наспроти намалување на капиталните инвестиции, ние сега имаме зголемување на капиталните инвестиции за повеќе од 27 проценти. Една влада која сакала да покупи гласачи, зголемува капитални инвестиции за скоро 100 милиони евра. Каква е таа Влада? Е, таа влада е различна од претходните влади, рече Битиќи, коментирајќи ги обвинувањата на опозицијата дека ребалансот е скроен поради претстојните избори како обид за поткуп на гласачи.
Тој истакна дека првпат има Влада која прави план за управување со јавните финансии на подолг рок, а најдоцна за две недели ќе биде најавена и националната развојна стратегија 2021-2024 година со цел на граѓаните да им се даде предвидливост за иднината на државата.
– Во Националната развојна стратегија и во методологијата дадовме рака на сите чинители во општеството. За првпат ќе има управувачки комитет во кој ќе учествуваат подеднакво и опозицијата и позицијата. Дури отидовме во Собранието и рековме ако може да се направи интерпарламентрана група која ќе биде водена од опозицијата каде секој месец ќе реферираме за секој чекор што ќе го направиме за националната развојна стратегија затоа што сметаме дека треба сите да бидат вклучени, рече Битиќи.https://nezavisen.mk/bitikji-prvpat-po-20-godini-imame-rebalans-vo-koj-se-zgolemeni-kapitalnite-investicii/