Благата зима е добра за енергетиката, но лоша за земјоделците
Сите овие фактори вршат притисок врз зголемувањето на цени на храната во регионот
„Ако зимата е топла, земјоделецот ќе биде сиромашен“, вели стара германска поговорка. Така влијателниот „Политико“ ја почнува својата анализа за состојбите со кои Европа ќе се соочи во текот на 2023 година.
Рекордно топлите температури ширум Европа помагаат да се спречи енергетска криза. Но, тие ветуваат лошо за земјоделците и за цените на храната. Со високи температури од речиси 20 степени целзиусови во делови од Полска и повеќе од 25 степени во Шпанија, седум европски земји регистрираа највисоки јануарски температури досега.
Покрај алармот за климатски научници, ова ги загрижи и земјоделците во многу делови на Европа. Без снег, селата страдаат – предупредува најголемото италијанско здружение на земјоделци, „Колдирети“. Благите температури ги намалија цените на енергијата, што е добра вест за потрошувачите кои се погодени од зголемените трошоци по руската инвазија на Украина и санкциите на ЕУ како одговор, но, топлата зима ризикува да ги намали приносите на земјоделските култури во време кога земјоделците веќе се борат со недостигот на ѓубрива – уште една последици од војната, и кои сè уште не се опоравија од сушата од минатото лето.
„Досега не сме доживеале вакво нешто“, „Тоа е сосема лудо“, коментираат германските земјоделци чија земја се соочува со невобичаено високи температури за овој период од годината. Стравувањата се дека топлината ќе ги „измами“ растенијата порано да никнат, но со тоа да станат и подложни на мразот.
Најголемиот проблем, според експертите, е што делови од европското обработливо земјиште се потпираат на извори на вода кои се полнат со топење на снегот. Недостигот на снег минатата зима предизвика италијанската река По, најголемата во земјата која минува низ италијанското земјоделско срце, да пресуши. Жешкото лето што следеше го зголеми проблемот – 2022 година беше втора најтопла година досега во Европа. Само Италија се соочи со 30 проценти помалку дожд и снег од историскиот просек од 1991 година.https://360stepeni.mk/