Благата зима ветува квалитетен мед

(Oвој напис е објавен на: February 23, 2017)

Натпросечно топлата зима придонесе пчелите во кичевско-бродскиот регион да бидат во исклучително добра кондиција, да нема речиси никакви загуби, за разлика од претходните неколку години, кога поради екстремно ниските температури, високиот снег и влагата, на одделни пчелари бројот на пчелни семејства им се преполови. Единствено пчеларите мораа да обезбедат повеќе храна, поради зголемената активност на пчелите во овој период од годината.

blagata zima vetuva kvaliteten med

 

– Состојбата во пчеларниците е одлична. Исто така одлична е и здравствената состојба на пчелните семејства, како и бројноста на пчелите во кошниците. Болеста нозе-моза, која често се јавува во овој период, годинава ја нема, исто така изостана и смртноста на пчелните семејства. За разлика од претходните неколку години, леглата на пчелните семејства се движат од 45 рамки, што е еднакво на легло својствено за април, што значи дека пчелните семејства се напреднати. За ваквата состојба најголем е придонесот на топлото време во февруари и големиот внес на полен што го имаше во природата. Поради сите овие фактори се јавува и зголемена потрошувачка на храна вели Боро Стојкоски, пчелар од Бродско. Тој им препорачува на пчеларите да посветат повеќе внимание на резервите на храна и ако сметаат дека количествата се мали да извршат дополна.

– Токму поради сите овие причини им се препорачува на пчеларите да посветат поголемо внимание на резервите со храна и секаде каде што сметаат дека тие не се доволни да извршат дополна. Дополнувањето може да се изврши и со додавање рамки со мед, доколку одгледувачите ги имаат на резерва или со додавање шеќерно-медни погачи, додека подоцна кога ноќните температури ќе се стабилизираат на плус 10 и повеќе степени, ќе може да се интервенира и со течна прихрана додава Стојкоски.

Овој начин на прихрана, покрај дополна на резервите со храна, ќе се користи за стимулативна прихрана на пчелните семејства, што ќе придонесе да имаат забрзан развој и нивна подготовка за искористување на раната пчелна паша, особено на багремот.

bankoboev.ru-pchela-domohazyaika-na-svoih-sotah

Стојкоски предупредува дека вообичаено во пролетните месеци, кога температурите многу осцилираат, не е исклучено да дојде до заладување, а тоа може да придонесе да има и несакани промени во пчелните семејства.

– Мораме да имаме предвид дека се уште сме на почетокот на март и дека може да дојде до пад на температурите во претстојниот период. Доколку овој период потрае, може да има несакани последици по пчелните семејства, поради малите резерви на храна и нејзиниот неправилен распоред во пчелните кошници. За овој период на пчелите им е потребна и водата, поради зголемените количества на леглото. Затоа е препорачливо пчеларите да ги активираат хигиенските поилки во своите пчеларници препорачува Стојкоски.

Еден од најпознатите пчелари во регионот, Раде Каранфилоски, производител на органски сертифициран мед, е презадоволен од состојбата во своите пчеларници, кои ги има во кичевско-битолскиот регион.

Поради топлата зима во изминатиот период, цревниот тракт кај пчелите беше празен, а со тоа тие излегоа многу витални, неостарени и подготвени за одгледување пролетно легло. Во вакви услови секоја пчела-работничка, наместо да одгледа по една пролетна пчела, во просек ќе одгледа по една и пол пчела, што е многу битно, затоа што старите пчели успешно го завршиле најтешкиот период во зимата. Затоа, пак, младите пчели ќе одгледаат трипати повеќе, односно тоа ќе значи дека развојот на пчелните семејства ќе биде многу брз и обилен – рече Каранфилоски, кој додаде дека проблеми може да настанат единствено ако во подолг период температурите паднат под 13 степени, тогаш ќе се истрошат резервите на храна и може да настапи смрт од глад на целото семејство.