Божиќ се ближи, а цените на продуктите за богата трпеза традиционално растат до плафон
Традиционално и оваа година во пресрет на најголемиот христијански празник Божиќ, цените на производите на пазарите вртоглаво почнуваат да растат. Останаа уште неколку денови до големиот празник, пазарџиите веќе ги “напумпаа“ цените, а сабота е клучниот ден кога цените ќе бидат до плафон високи. За Бадник домаќинките ќе ја наполнат трпезата со посно гравче, риба, сарма, костени и овошје, а пак за Божиќ поголемиот дел од граѓаните ќе се омрсат со свинско и пилешко месо. Рибарниците и месарите подготвени, пазарите преполни со овошје и зеленчук ги чекаат турканиците, а дел од граѓаните навремено решија да ја наполнат празничната кошница и да не го чекаат последниот ден кога сите намирници ќе бидат со многу повисока цена и кога е најголемата гужва при пазарењето.
Нашата екипа беше на Зелен пазар каде ја сретнавме домаќинката Јованка која со список во рацете од тезга на тезга ги избираше најубавите продукти и ја полнеше торбата.
-Секогаш пазарам неколку дена пред празникот, бидејќи цените се многу пореални за разлика од последниот ден, иако можам да ви кажам дека уште сега цените на продуктите се зголемени. До пред некој ден доматот и краставицата беа 40 денари, сега нивната цена е од 80 до 100 денари, а ќе биде и повисока. Но, што да се прави, како и секоја година така и оваа ќе си преќутиме на поскапувањата, а трпезата ќе се потрудиме да биде колку е можно побогата, со посна риба и гравче, а за да се омрсиме ќе има и свинско вели Јованка.
Едни преќутуваат, а други се револтирани на високите цени пред секој голем христијански празник. Пензионерот Мирче вели со неконтролираното зголемување на цените на продуктите единствено богатите можатубаво да ја наполнат празничната трпеза.
-Срамота е како овој христијански народ си прави лошо на самиот себеси. Очигледно за богата трпеза имаат само богатите, а ние останатите да ги шетаме пазарите низ Скопје да ги споредуваме цените и пак на крај есапот ќе ни биде голем. Свинското уште сега е 300 денари, а очекувам од утре и таа цена да биде зголемена. Костените 100 денари, цената на зеленчукот зголемена е дупло, а некаде и двојно. Навистина пред секој голем христијански празник се повторува оваа слика и навистина сум револтиран, бидејќи треба да ја наполниме трпезата со домаќинката, децата заедно со внуците ќе ни дојдат на ручек, но новчаникот е се потенок и потенок. Бидете сите живи и здрави, но ваквиот однос на нас христијаните ќе не чини многу во иднина, заврши Мирче.