Бренд чекаат охридската цреша, галичкиот кашкавал и сирење, мариовскиот мед и веѓанскиот кромид

(Oвој напис е објавен на: February 26, 2017)

Досега 18 земјоделски производи и преработки, меѓу кои е и македонскиот ајвар имаат заштитени географски називи, а во постапка е и брендирањето на охридската цреша, галички кашкавалот и сирењето, мариовскиот мед и веѓанскиот кромид. За да се добие ознака за квалитет треба да се поднесе елаборат со кој ќе се потврди квалитетот и начинот на производство.

390130-brend-chekaat-ohridskata-cresha-galichkiot-kashkaval-i-sirenje-mariovskiot-med-i-vegjanskiot

Македонија со природните услови и плодното поднебје има можности да заштити десетици различни продукти, по кои во иднина ќе биде препознатлива насекаде. Досега 18 земјоделски производи и преработки, меѓу кои е и македонски ајвар имаат заштитени географски називи, а во постапка е и брендирањето на охридската цреша, галичкиот кашкавал и сирење, мариовскиот мед и веѓанскиот кромид. Од минатата година со измените во Законот за квалитетот на земјоделските производи, брендирањето го прави Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – МЗШВ.

Кочански ориз, малешевско – бело сирење, старо бачило – бело сирење, од Домково трло – бело сирење, исарско – бело сирење, тетовски грав, овчеполски мед, македонски ајвар и кривопаланечки мед. Со брендирањето на производите и преработките, производителите добиваат поголем приход, токму затоа целта е да се зголеми бројот на брендирани земјоделски производи.

Во МЗШВ велат дека производителите кои ќе решат да го брендираат својот производ ќе добијат финансиска помош. Во јули минатата година се усвоија измените на Законот за квалитет на земјоделските производи со кои е поедноставена постапката за заштита на квалитетот и усогласување со новата ЕУ-регулатива и намалени се трошоците со цел овој процес да се интензивира.

За да се добие ознака за квалитет треба да се поднесе елаборат со кој ќе се потврди квалитетот и начинот на производство. Ако некој субјект сака да го користи веќе доделениот знак за квалитет на друг субјект, истиот тој субјект треба да поднесе барање за користење, кое вклучува изработка на елаборат дека тој производ ќе се произведува на начин кој е пропишан во стандардите.

Од МЗШВ објаснуваат дека постапката за еден производ да биде заштитен според географското потекло е поедноставена и скратена од една година на еден месец, време кое е потребно да се подготват потребните документи. Елаборатот се доставува до МЗШВ и истиот се разгледува од страна на мешовита комисија од претставници на министерството и Факултетот за земјоделски науки и храна и други експерти. Комисијата го разгледува елаборатот за да види дали се работи за автентичен производ, односно се гледа историјатот, подлогата на тоа растение, врнежи, сончеви денови, дали соодветствува со тој квалитет итн. За охридската цреша постапката е при крај, а меѓу производите кои чекаат да бидат заштитени се и галичко сирење, галички кашкавал, мариовски мед и веѓански кромид, а другите се само таргетирани производи, велат од министерството.

За зголемување на интересот меѓу земјоделците и производителите на земјоделски производи за брендирање на нивните производи, министерството организира кампања и интензивни средби со претставници на земјоделски здруженија. Целта е нивно запознавање со можностите и предностите кои ги нуди брендирањето.

Со регистрирањето на производ со географско потекло или ознака за квалитет се врши брендирање на македонски производ и истиот може да се продава на странските пазари со препознатлив бренд и поголема додадена вредност, објаснуваат експертите.