
Трипуновски со добра вест: Брисел потврди нема никакви неправилности во постапките, ИПАРД средствата повторно се достапни на располагање за земјоделците
Министерот Цветан Трипуновски со убави вести за земјоделците
Најпрво дозволете ми да споделам една важна и позитивна вест за македонските земјоделци и за земјоделскиот сектор, денес пристигна официјално известување од страна на ЕК, Генерален Директорат за земјоделство и рурален развој, дека средствата од ИПАРД програмата повторно се достапни на располагање за македонските земјоделци.
Согласно навремено превземените активности, направената целосна и детална контрола за користење на средствата од ИПАРД програмата е утврдено дека нема неправилности во самите постапки. Што значи дека системот функционира, институциите постапуваат одговорно, транспарентно во интерес на македонските земјоделци.
Сакам да потсетам на она што го говорев во минатото, Брисел никогаш не ги блокираше средствата, но во моментот кога излезе во јавноста за случајот со злоупотреба од страна на претходниот директор на Платежната агенција, како одговорна држава се активираше националниот механизам и го известивме воедно Брисел дека е потребно да се изврши вонредна контрола со цел да не се дозволи да се фрли црна дамка, инициравме преку еден транспарентен начин да се проверат сите активности поврзани со средствата од ИПАРД фондовите. Истото беше препознаено како одличен чекор од Брисел со тоа што навремено се интервенираше во оваа ситуација.
Следеше темелна проверка од ИПА структурата по што се достави сеопфатна информација до европските институции согласно воспоставените процедури.
Со ова сакам да ги демантирам и шпекулациите кои тенденциозно се пласираа во јавноста од страна на опозициската партија СДСМ, обидувајќи се да создадат лажна слика, паника и револт кај македонските земјоделци, тврдејќи дека ИПАРД средствата се блокирани, а земјоделците ќе останат без поддршка.
Но, денеск по кој знае кој пат нивните лаги паѓаат повторно во вода, вистината излезе на виделина. Додека СДСМ се служи со конструкции, и е заглавена во старата матрица на ширење на лаги, манипулации мислејќи дека на тој начин ќе обезбеди некој политички поен, ние како Влада носиме резултати и обезбедуваме пари за нашите земјоделци. Во тоа е разликата помеѓу нас, наместо политиканство и дезинформации, ние избравме транспарентност, соработка со европските институции и заштита на секој денар наменет за македонските земјоделци.
Почитувани,
На крајот, дозволете ми да упатам порака до самите земјоделци, да продолжат да аплицираат, да инвестираат и да го развиваат нивното земјоделско производство, Владата и МЗШВ стојат позади вас, продолжуваме со инвестиции, модернизација и развој на овој важен сектор за нашата држава.
Ќе продолжиме со уште позасилено темпо да работиме посветено, чесно и одговорно, во интерес на граѓаните, со нулта толеранција за злоупотреби, со целосна транспарентност и со максимална поддршка за македонските земјоделци.



