fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Бројот на земјоделци се стопи

Земјоделците сега не може да ја прехранат ни Македонија, а порано го хранеа цел Балкан!

Бројот на земјоделци во државата се стопи. Младите не сакаат да се занимаваат со земјоделство и спасот го бараат надвор од државата, а останатите се веќе стари и нема кој да ги замени. Ниската откупна цена, високите трошоци и погубната аграрна политика на државата дополнително го продлабочија проблемот. Нивите остануваат празни бидејќи нема кој да ги работи, а ние од земјоделска земја станавме увозник на храна. Секоја година, домашното земјоделско производство на храна се намалува, а увозот се зголемува. Од опозицијата обвинуваат дека годишно за увоз на храна се одлеваат по 700 милиони евра од буџетот и покрај тоа што имаме одлични услови за земјоделско производство.

И оние земјоделци што останаа во државата сакаат да ги продадат нивите, бидејќи, како што велат, нема веќе есап од земјоделството.

-Ниските откупни цени, иселувањето на младите и лошата аграрна политика, генерално ова се главните проблеми што му пресудија на македонското земјоделство. Градинарското производство во Струмичко е намалено за 40 до 50 отсто и тоа речиси на сите градинарски култури, а намалување има и кај сите земјоделски култури. Уште еднаш ќе кажам дека порано ја храневме цела Југославија, а сега немаме ни за нас – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на регионалниот Сојуз на земјоделци од Струмица.

Тој смета дека дел од причините за намалувањето на производството се и климатските промени и несигурниот откуп, бидејќи некои години, одредени култури се откупуваа по багателни цени.

Освен градинарското производство, има и значително намалување на производството на грозје. Лозарите ги продаваат лозовите насади, бидејќи не им се исплати веќе да ги работат, откупната цена е ниска, трошоците зголемени, а исплатата на грозјето доцни.

– Младите се селат во европските земји за поголеми плати, бидејќи немаат есап да го работат лозјето. Откупната цена на лозјето последниве години е пониска од производствената, бидејќи трошоците се драстично зголемени. Вреќа ѓубре од 600 се качи на 1.200, надоместокот за наводнување се зголеми на 1.860 денари за еден декар, работната рака од 1.200 на 1.500 денари дневно, нафтата, репроматеријалите… сето тоа допринесе за намалување на производството во оваа гранка – вели за весникот ВЕЧЕР Дане Јошев, претседател на Здружението „Тиквешки лозароовоштари”.

Освен земјоделското производство, и сточарството е во дигресија години наназад. Бројот на овци во последниве десет години се преполови од 800 на 400 илјади, а има пад и во другите сточарски гранки.

И на социјалните мрежи има низа коментари во насока на она што ни се случува во земјоделството.

Жално е што ни се случува ова во земјоделството, порано го обезбедувавме цел Балкан со храна, а сега увезуваме од Албанија, Србија, Грција… – коментираат граѓаните.https://www.vecer.press/

Слични написи

Back to top button
Close