Брвеница единствено село каде се доселуваат луѓе од градските средини

 

Селата и руралните општини во Македонија често асоцираат на средини со стари и напуштени куќи, млади кои си заминуваат во странство или во поголемите градови во државата, и во нив останати мал број на семејства, кои претежно се занимаваат со земјоделие.

Но во руралната општина Брвеница лоцирана на само 5 километри од Тетово, состојбата е сосема друга. Таму последнава деценија општинскиот центар Брвеница се зголемува и со број на жители и со индивидуални објекти за домување.

Според одредени проценки на општината, годишно се издаваат околу 80 дозволи за градба, што е доста голема бројка за рурална општина како што е Брвеница.

Во Брвеница екипата на Зелена Берза затекна неколку лица кои минатата година се доселиле тука.Велат дека имале голема желба да живеат на село кое е во близина на градот каде можат да стигнат за кратко време на работа или да завршат одредена административна работа во институциите во Тетово.

-Па ние со семејството решивме да живеме во село каде може да го најдеме мирот. Таму во Тетово се големи гужви, хаос и се живее немирно ,тука е подобро. Го продадовме станот и тука купивме плац и изградивме куќа. Садиме во бавчата, зеленчук имаме неколку дрва со овошје колку за нас, вели еден сега веќе жител на Брвеница.

Градоначалникот на Општина Брвеница Енвер Пајазити, вели дека доселувањето од град всело носи многу позитивни промени. Селата се поживи, а расте и општинскиот буџет. За да се повтори оваа наша позитивна слика и во другите рурални општини, централната власт треба да овозможи подобри услови за живеење, односно да ги урбанизира овие општини.

-Ние постојано следиме со нашите служби и гледаме дека се градат нови градби во Брвеница. Претежно се исселуваат од Тетово и тука се доселуваат. Ние сме блиску до Тетово.Имаме клучката на пример за влез во Брвеница од автопатот, па сега се надеваме дека ќе имаме клучка за излез од селото. Сето ова влијае на свеста на луѓето за доселување во ова село. Исто е интересно што и тие што се во странство да речеме третата генерација на печалбари, имаат желба да градат куќи тука.Тука тие годишно доаѓаат по неколку пати, инвестираат во имот, куќи фирми. Сето ова ме охрабрува, и затоа ние треба да најдеме сила со подршка на централната власт да можеме и ние да градиме културни домови, и се друго што го има во градовите. Еве во Брвеница можам слободно да кажам  дека младите се дискриминирани во поглед на пример на културата. Од Министерството за култура ни велат дека вас како општина не ви следуваат пари за културни манифестации, затоа што немате културен дом, рече градоначалникот на Општина Брвеница Енвер Пајазити.

И покрај ваквата состојба Пајазити вели дека Брвеница не го одминува феноменот на иселување на младите. Но, за среќа вели тој феноменот кај нив не е толку изразен

-Младите кај нас се претежно вработени, имаат мали бизниси тука и таму се вработени, затоа и толку младите од нашата општина не се исселуваат, како што е случајот со другите општини. За тој феномен треба да се грижиме сите ние што вршиме јавни функции. Младите нерамноправно се чуствуваат кога аплицираат на конкурсите, јас со нив комуницирам и дознавам дека кај нив разочараноста не е само во социјалниот елемент, туку губат верба во власта и во владеењето на правото. Се појавува конкурс и конкурираат, и тие што имаат предност да речеме бодовна се рангираат, и потоа ги тргаат тие листи и ставаат друг конкурс и таму се примаат лица претежно од јавни функционери директори и слично, вели Пајазити.

Поради зголемената бројка на млади брачни парови кои се доселуваат, во Општина Брвеница ќе започне да се гради детска градинка како дел од програмата на Министерствотото за труд и социјална политика за изградба на детски градинки. Оваа градинка ќе биде единствената, која по повеќе од половина век е изградена во рурална општина во полошкиот регион. Само со вакви проекти велат општинските власти од Брвеница можат да се мотивираат младите да се доселуваат во руралните општини, кои за  жал на ниво на цела држава се пусти без доволно инфраструктура и тренд на намалување на жителите.

Со доселувањето во последнава деценија, во Брвеница според одредени стастики има околу 1200 куќи каде живеат околу 5000 жители.

Зоран Димовски

Share Button