fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Бугарите не доаѓаат во Делчево, локалната економија е во криза

Ова се одрази на локалната економија, а многу сопственици на дуќани велат дека имаат големо намалување на прометот

Откако почна пандемијата на коронавирусот, која пак наметна рестрикции при патувањата, бугарските државјани скоро и да не го посетуваат градот Делчево.

Ова се одрази на локалната економија, а многу сопственици на дуќани велат дека имаат големо намалување на прометот. Пред да се појави коронавирусот кај нас, Бугарите беа редовни гости во кафулињата, рестораните во градот, купуваа намирници и облека, пишува Фактор.

„Доаѓаа групи пензионери, а воедно Бугарите го посетуваа градот за празници и викенди. Ние сме блиску до границата, така што од Благоевград скоро секој ден имаше посетители, но доаѓаа и од Сандански, Дупница, а поретко и од Софија и Пловдив. Бугарските државјани доаѓаа на шетање, купуваа гориво, прехранбени производи, облека, а некои од нив остануваа и на спиење во градот. И во Бугарија има доста евтина облека, но сепак купуваа по нешто од Македонија пред да си одат. Конкретно кај нас купуваа постелнини, иако кажуваа дека цените се приближно како во Бугарија. Мислам дека ќе помине доста време додека да се вратиме на нивото како пред пандемијата“, велат од бутикот „Афродита“ во Делчево.

Односите меѓу двете земји во последните месеци се заладени, но жителите на Делчево сметаат дека тоа не е пречка, туку дека пандемијата наметна ново темпо на живот, помалку патување, и сведување на социјализацијата на минимум. Велат дека политичките случувања малку влијаат на односите меѓу народите од двете земји. Како пример го посочуваат и фактот дека многу млади од Истокот, студираат во Бугарија.

„Воопшто ги нема гостите од Бугарија откако почна пандемијата. Гратчето е замрено, а додека ги имаше посетителите од Бугарија првенствено купуваа храна, додека облека послабо“, додаваат од друг бутик од градот.

Бугарските граѓани имаат повисок стандард, па си дозволувале повеќе да трошат на македонски терен. Од ресторанот „Две липи“ во Делчево, објаснуваат дека проблем се ПЦР тестовите, и тие ги премислуваат бугарските граѓани да ја посетат земјава.

„Ако треба да тргнат пет луѓе, и да направат тестови, едноставно не им се исплати да доаѓаат.  Кога пандемијата ќе заврши, работите ќе се вратат по старо. Кога тоа ќе се случи, не сме стручни и не знаеме. Претходно, доаѓаа и организирано, со автобуси, имаше екскурзии. Храната наша им се допаѓа, ние сме во подножјето на планината Голак, доаѓаа и поради природните убавини, има манастири, археолошки локалитети кои вреди да се видат. Некои од нив преноќуваа во Делчево, и утредента заминуваа за Бугарија. Сме имале туристи од Софија па се до малите погранични места“, наведуваат од „Две липи“.

Незадоволни се и сопствениците на хотелите.

„Фактот дека ги нема Бугарите не натера да ставиме клуч на врата по 21 часот, а веројатно и политичките случувања ќе имаат некое влијание на целата ситуација“, велат од хотел „Македонија“.

Поради пандемијата, во земјава имаше помалку Грци во Дојран и Гевгелија, помалку Албанци во посета на Дебар и околината, но и помалку Срби на шопинг во Куманово. Рестрикциите за патување и стравот од заразување си го направија своето. Во годините пред пандемијата, Македонија имаше најмногу туристи од Турција, но и од соседните земји како Србија и Бугарија.https://faktor.mk/bugarite-ne-doagjaat-vo-delchevo-lokalnata-ekonomija-e-vo-kriza-

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close