вестиМакедонијаСоветиТоп вести

Сеење на пченка

Денес сеењето на пченката се извршува со доста квалитетен семенски материјал, со модерни машини за сеење кои поседуваат и депозитори за ѓубрење.

Една од најзастапените култури во последната декада на половина на парцелите во Пелагониската котлина  е секако пченката. Ова експанзија се должи  пред се на квалитетните земјоделски површини како и обезбедените услови за наводнување на истите. Со наводнувањето се постигнува 2-3 пати поголем принос на пченката доколку тоа се врши во текот на нејзиното вегетирање. Пченката претставува главна исхрана на сточниот фонд во земјата и бербата обично се врши во форма на силажа или зрно. Во секоја комбинирана сточна храна процентот на пченката изнесува од 50-60%.

Пред да се изврши сеење на пченката потребно е да се изврши припрема на земјиштето. Најдобро е да се сее на парцела која претходната година била стрниште (ожнеана пченица). Пожелно е да не се извршува сеење на парцела на која и претходната година имало пченка, но бидејќи приходите од пченица се значително помали многу земјоделски стопанства се одлучуваат пченката да ја садат повеќе години на иста парцела. Во зависност од типот на почвата може да се изврши есенско орање, а додека на пролет пред сеењето да се врши тањирање или кримлирање. Орањето може да се изврши и пред сеењето во пролет во зависност од проценките за почвените и временските услови. Сеењето обично се извршува од првата половина на април, па се до крајот на месец мај. Доколку се има намера пченката да се употребува во форма на силажа тоа може да се извршува се до крајот на првата половина на месец јуни.

Многу битен фактор за кој треба да се води сметка е температурата на земјиштето. Минималната температура за никнување изнесува 8 степени целзиусови но, при ваква температура напредувањето е споро. Затоа е најдобро да се сее кога земјиштето ќе се загрее над 10 степени, додека температурата на воздухот би изнесувала над 13 степени целзиусови. Доколку се случи температурата да падне под -1 степен, растението почнува да пропаѓа.

Во денешно време при сеењето на пченка се користи софистицирана земјоделска механизација како што се вакуумските приклучни сеалки кои се многу прецизни при распоредување на сеидбениот материјал. Пожелно е сеењето да се изврши со 75.000-80.000 зрна на хектар земјоделска површина.  Исто така е препорачливо да се изврши третирање со хербицид 3-4 денови после сеидбата. Доколку има појава на плевели може да се изврши и прскање после никнење на зелената маса. Обично се користат препарати кои ги сузбиваат и широколисните и теснолисните плевели.

Денес сеењето се извршува со доста квалитетен семенски материјал, со модерни машини за сеење кои поседуваат и депозитори за ѓубрење. Ѓубрење е пожелно да се извршува и во подоцнежна фаза од вегетирањето, поточно после загрлувањето.

Пченката е едногодишна култура со извонредно значење и има различна намена и употреба пред се затоа што се користат сите делови на растението. Затоа денес во светот се смета дека постојат повеќе од 500 различни преработки и производи од пченка.

 

Текст и фотографија: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close