Цане Велковачев го одгледува едно од последните стада на говеда-буша во Мариово
Говедата од расата буша е во изумирање и се поретко може да се сретне на пасиштата во државата.
Во битолскиот дел на Мариово, во селото Будимирци опстојува едно од последните стада на говеда од расата буша. Стадото е на сточарот Цане Велковачев кој поседува чистокрвна буша и прави се да ја зачува оваа раса на говеда.
Буша претставува автохтона раса на мало планинско говедо кое некогаш било масовно застапено на целиот Балкански полуостров. Ова говедо е класифицирано во групата на краткороги и еднобојни говеда. Во поглед на колоритот се наоѓаат примероци со кафеава, сива, црна, крем, плава, тигреста и црвенкаста боја на крзното. Се одликува со одлична плодност затоа што во нормални услови секоја година дава пород. Животниот век на бушата изнесува околу 20 години. Се одликува со мала маса во однос на другите сорти на говеда. Кај кравите телесната маса обично изнесува околу 250 кгм додека кај машките единки таа може да достигне и до 350 кгм. Исто така ова говедо се карактеризира со мала млечност и слаба гојност.
-Поседувам околу 20-тина примероци чистокрвна буша. Ги одгледувам за производство на телиња и месо за сопствени потреби. Една женка единка обично во својот животен век раѓа 8-10 телиња. Сама ги раѓа и одгледува телињата. Преку целата година се на слободна паша, само во зимските месеци се хранат со сено, слама и мала количина концентрат, изјави за „Зелена берза“ Цане Велковачев од селото Будимирци, Мариовско кој е сопственик на едно од последните стада на говеда-буша на овие простори.
Бушата е донесена до работ на истребување. Од средината на 20 век доаѓа до незаинтересираност за одгледување на ниско продуктивни раси на говеда. Како последица на ова дошло до вкрстување со високопродуктивни раси на говеда поради облагородување и подобри приноси на млеко и месо. За краток временски период се случува силна депопулација и бушата преоѓа на листата на загрозени видови на домашни животни. Денес ова говедо може да се најде само во изолирани планински села каде се уште се практикува традиционалното сточарство.
-Ова говедо е во фаза на изумирање и се поретко може да се сретне на пасиштата низ државата. Во минатото поради недостаток на земјоделска механизација, бушата се користеше и како запрега при извршување на земјоделските работи- вели нашиот сточар Велковачев.
Сепак, поради вековното присуство на овие простори говедото буша има и свои предности во однос на другите раси на говеда. Се одликува со голема отпорност на заразни болести и паразити кои се присутни на нашето поднебје. Нема потреба од модерни сместувачки капацитети и штали за кои е потребно големо вложување. Потемпераментна е и подива од другите раси на говеда. Многу често во планинските селски средини опстојува во импровизирани објекти. На планинските пасишта обично се задржува од мугрите, па се до зајдисонце. Таа има мала смртност во однос на другите раси на говеда во сурови зими со оскудна исхрана.
Бушата поради нејзината автохтоност е раса која е поврзана со животот, традицијата и културниот идентитет на жителите кои егзистираат во руралните подрачја. Прилагодена е за сите специфичности кои владеат на овие простори. Отсекогаш претставувала основа за планинско сточарско производство. За да ја зачува бушата од потполно изумирање државата воведе дополнителни субвенции од 2000 денари по грло. Дали сите преземени мерки ќе бидат доволни ова животно да опстои каде што со векови било присутно, останува да покаже времето.
Текст и фотографија: Игор Петровски