Љупчо Николовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство е во Египет каде што ќе се обиде да ја намали големата царинска стапка од друи 40 отсто за македонското јаболко.
Од нашата држава во Египет најмногу се извезува јаболка, праски, тутун и месо. Во 2018 година, извозот кон Египет бил во вредност од близу шест милиони евра.
Николовски во Египет се сретна со министерот од неговиот ресор.
На состанокот се разговараше за унапредување на трговската размена, за потенцијалните производи кои од Република Северна Македонија може да се извезуваат во Египет, како и за иницијативата за намалување на увозните тарифи.
Од страна на египетскиот министер за земјоделство беа назначени лица кои ќе бидат членови на работната група, а од МЗШВ до Египет ќе бидат испратени имиња на членови од Република Северна Македонија. Исто така од страна на МЗШВ до Египет ќе биде испратен пополнет Прашалник за анализа на ризик при увоз на јаболка од РСМ во Египет, од аспект на употреба на заштитни средства.
– На работниот состанок ја истакнав подготвеноста од страна на Владата на РСМ, за склучување на преференцијален договор кој што ќе биде основа за продлабочување на трговијата помеѓу двете држави. Една од темите за кои разговаравме со египетскиот министер беше примената на Протоколот за соработка во областа на земјоделството со Египет и почетокот со работа на работните групи од двете земји согласно одредбите од Протоколот, соопшти Николовски.