Африканската свинска чума, болест која станува сериозна светска закана заради која се уништуваат цели свињарски фарми а која воопшто не е опасна за човекот сепак ќе не удри по џебот. Цените што сега ги знаеме за свинското месо во иднина се чини ќе ги бараме но трендот на пораст на цените веќе е започнат а главната причина е епидемијата на африканска свинска чума во Кина, Виетнам и делови од Европа. Кина која е најголем производител на свинско во светот но исто времено и најголем потрошувач се соочува се сериозни загуби кои достигнаа критично ниво од кои на најголемата потрошувачка нација ќе и бидат години за да го обнови производството. Според проценките и анализите на холандската Рабобанк годинава Кина ќе изгуби меѓу 150 и 200 милиони свињи заради африканската свинска чума што е една третина од тамошното производство. Ваквиот сериозен дефицит веќе прави потреси на светските берзи. Берзата во Чикаго бележи раст на цените од 20% само последните три месеци.
-Може да се каже дека времето на евтино свинско месо полека изминува. Иако засега кај нас нема некои големи придвижувања на цените сепак информациите говорат дека големите лагери во Европа особено во Германија, Холандија и Данска нагло се празнат заради огромната побарувачка која доаѓа од Кина која не е онаа сиромашна земја која сме ја знаеле од порано и која е голем потрошувач на свинско месо. Секој ваков потрес глобален за никого не носи добро долгорочно гледано. Ова само ја потврдува нашата заложба да се свртиме кон домашното производство на свинско месо и треба да се преиспита онаа несреќна одлука за бесцарински увоз на смрзнато свинско месо за преработките. Преработувачките капацитети се потешко ќе доаѓаат до увозна суровина и тие треба што поскоро да се свртат кон домашната суровина која е и поквалитетна, вели професор по свињарство Владо Вуковиќ од факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.
Според сериозните ветеринарни проценки не е прашање дали ќе дојде африканската свинска чума кај нас туку прашање е само кога. Големите и сериозни фарми заштитата со биосигурносните мерки ја имаат подигнато на највисоко ниво но и тоа не е доволно. Вирусот на африканската свинска чума е безопасен за човекот но смртоносен за свињите. За оваа болест не постои вакцина и според проценките на ФАО потребни ќе бидат меѓу 10 и 20 години за да се развие вакцина. Единствен начин да се сопре ширењето е со така нареченото стемпинг аут, односно со целосно уништување на се што е живо во свињарската фарма во која ќе се појави вирусот но и празнење на фармите кои се во радиус од неколку километри од жариштето. Кога ќе се појави жариште се воведуваат две зони околу него. Првата зона е на 3 километри радиус и се што е свиња во тој радиус мора да се уништи што значи дека ако се појави во некој селски двор болеста и ако тој двор е во село близу некоја голема фарма тогаш загубите се огромни и немилосрдни. Од тука фокусот на надлежните треба да биде токму на овие мали домашни фарми кои поседуваат 60 до 70% од производството каде има и нерегистрирани одгледувачи кои не се знае во колкав степен ги спроведуваат биосигурносните мерки. Оваа болест полека се шири и низ Европа. Романија е цела зафатена со африканска свинска чума. Во соседна Бугарија до скоро ја имаше само во еден мал регион близу црно море а последните официјално потврдени информации од АХВ се дека вирусот се приближува кон нас и појавен е во регионот на Плевен кој е на 200 километри воздушна линија од границата со Македонија а вирусот главно се пренесува преку дивите свињи.
З.Б.