Чудесната моќ на манастирот „Св. Меркуриј“ во Барешани
Напомош денот! Барешани денеска го празнува „Св. Меркуриј“
Кривулест тесен пат кој се издвојува од регионалниот пат Битола-Драгош-грчка граница води до битолското село Барешани кое се наоѓа на надморска височина од 617 метри.
Селото завиено во зеленило на југ граничи со Канино, од север со Олевени, од исток со Жабени, а од запад со Злокуќани. Барешани е чисто македонско православно село, во кое живее староседелско и доселеничко население. Сега во селото живеат околу 160 жители. На самиот почеток од селото се изградени нови куќи кои во дворовите се уште ги чуваат урнатините од старите огништа. На среде село се издигнува црквата „Св. Димитрија“ а до неа сега разрушениот здружен дом. Црквата е изградена 1900 година, а последните две години со финансиска помош од баревци се обновува, во внатрешноста се подготвува за фрескоживопис, а и надвор се реновира фасадата. За реконструкцијата се вложени околу 35 илјади евра. На западната страна е исцртана фреска на ѕидот од светецот Димитриј, а на јужната страна стои икона изработена во бакар. Мирот и спокојот надополнети со зеленилото и разнобојните цвеќиња ги полнат и душата и очите.
Патот нерамен, тесен низ селските сокаци 600 метри нагоре кон ридот води до манастирот „Св. Меркуриј“ единствената манастирска црква во Македонија посветена на овој светец.
Таму горе после свиокот првиот поглед ви го обзема камбанаријата извишена среде рушевини од камен и плитар, кои до 1945 година биле конаци, но сликата наговестува дека зад ѕидините се крие божји рај.
Првиот поглед на запад низ отворената врата потпрена на камена авлија ви го менува мирогледот.
Убавината на манастирската црква посветена на „Св. Меркуриј“ и возобновениот конак, вдахнувањето на духовноста и чудесната моќ на ова свето место не се раскажуваат во два реда, велат нашите домаќини Драги Котевски и Пеце Тодоровски кои срдечно ја пречекаа екипата на „Зелена берза“.
Манастирската црква е изградена во 1836 година, на надморска височина од 710 метри. Од конаците има прекрасен поглед на Пелагонија и Леринско поле. Во црквата иконостасот е со два реда на икони, работени од непознат мајстор. Испишаните години на некои од престолните икони, потврдуваат дека тие се насликани во 1853 година.
Во самата црква на северниот ѕид, на левата страна од пред олтарот извира вода, за која баревци веруваат дека е света лековита вода. А на истото место од надворешната северна страна има голем камен положен покрај темелот од црквата за кој се верува дека има моќ да им помага на жените кои подолго време не можат да останат бремени.
Во селото се верува дека манастирот бил изграден откако барешанец сонил сон додека бил на печалба во Кападокија каде е и гробот на преподобниот Меркуриј. На сон му било речено „да се вратиш во Барешани, на тоа место има вода и почни да градиш манастир, ќе се вика „Свети Меркуриј“. Кога му кажал на агата кој му бил газда овој не само што веднаш го испратил назад, туку му дал и пет лири.
-Од 1892 до 1896 година манастирот бил грчка богословија, тука во конаците се школувале деца. Но, селаните не се сложувале, па школото било затворено после 4 години, вели Тодоровски.
Еден дел од манастирот, пак, на крајот на 19 век и по Првата светска војна бил наменет за згрижување на душевно болни лица. За тоа постојат и пишани сведоштва од руски новинар помеѓу двете светски војни.
Моќта на светиот камен на црквата „Св. Меркуриј“
Повеќе семејства, и христијани и муслимани, кои се помолиле на светиот камен и се измиле со светата вода од манастирот добиле принова, тврди Драги Kотевски (67) жител на Барешани, од црковниот одбор на манастирската црква.
-За парови кои немаат деца, и за дечиња до седум години кои мократ на спиење и за дечиња што не зборуваат до 5 години се молат на овој камен. Манастирот и светецот се живи токму поради ова. За време на викенди по неколку брачни парови доаѓаат во манастирот, најмногу од Скопје, Струмица, Делчево…До три пати се доаѓа во манастирот за да се има пород. Верниците ќе запалат свеќи, ќе се измијат од светата вода, ќе се помолат на светиот камен, ќе преспијат во конаците и наутро жената ќе ја отвори црквата. Паровите што доаѓаат за да имаат дете на 7 декември на „Св. Меркуриј“ две години по ред креваат лепче. Досега имаме евидентирано над 230 децата што се родени после долги години јаловост. На парови после доаѓањето во манастирот им се родиле деца после 13 години од бракот, после 16, па дури и после 21 година од бракот, раскажува Котевски за „Зелена берза“.
Од манастирот аир виделе и христијани и муслимани
Драги е кум на неколку семејства кои имале среќа да ја почувствуваат чудотворната моќ на светата вода и каменот во манастирот и да добијат свое чедо. Чудата почнале да се случуваат пред повеќе од две децении кога сонил како муслиманско семејство од селото Граешница седи на каменот до манастирот и моли за дете.
-Го сретнав Султан, чија сопруга, мајка и татко ги сонував како се молат. Му реков „беа седнати на каменот и се молеа за малечко“. На сон ми дадоа пари за манастирот, а светецот се вдаде во сонот од некаде и ми рече не земај пари за деца. А Султан имал отидено во Шведска, Турција, Скопје, Битола по лек. Без успех, па на крај рекол не одам веќе никаде. Но, кога разбрала мајка му за мојот сон легнала под комбето и му рекла „гази ме или да одиме во манастирот“. Ги однесов и додека се молеа на каменот, ми се врати сликата од сонот, тоа беше 1999 година, се присетува Драги.
Набрзо сопругата на Султан останала бремена и родила машко дете.
Семејството го поканило Драги да им биде кум на синот.
-На прославата имаше 600 гости. Детето беше во позлатена количка од Америка. Јас го кренав и го покажав пред сите и реков –„Ова е дете од манастирот „Св. Меркуриј“. Сите станаа и ракоплескаа. Оставија на мене какво име ќе му дадам. Ги прашав како се вика вашиот Бог, рекоа Мухамед. Сега Мухамед е момче пораснато, изучи, се вработи во РЕК-Битола и за секоја слава семејството носи грав во манастирот, вели Котевски.
По овој случај уште неколку муслимански парови побарале помош во манастирот.
-Ова не е единственото муслиманско семејство кое видело себап од светецот. Во манастирот доаѓаат и православни христијани и католици, и муслимани, без оглед на верата. Штом еден човек дошол во манастирот за помош значи тој верува во „Св. Меркуриј“ и за нас тука нема проблем, вели Котевски.
Во „Св. Меркуриј“ е крстен и војводата Ѓорѓи Сугарев
На предната страна од манастирската црква стои табла дека туку е крстен војводата Ѓорѓи Сугарев. За чудотворната моќ на „Св. Меркуриј“ се знаело од многу поодамна. Народот верувал дека негово дело е тоа што поживеал војводата Сугарев од Битола. Во книгата на историчарот Ѓорѓи Димовски-Цолев посветена на животот на војводата тој запишал дека во бракот на неговите родители Коте и Донка се родиле 19 деца, но умирале. Првото дете кое им останало живо бил Ѓорѓи роден 1876 година. Според народниот обичај заради смртноста на децата, новородениот Ѓорѓи бил пречекан на нова, некалаисана тепсија, па со пајтон однесен и крстен во манастирот „Св. Меркуриј“ во Барешани.
Крстилницата во која бил крстен Сугарев се уште стои во манастирската црква.
-Ете овде во оваа крстилница е крстен војводата Сугарев, ова корито е од 1876 во оваа црква. Родителите го донеле на ден Спасовден да го крстат овде Ѓорѓија бидејќи им било кажано дека само така ќе им траат децата. Со два пајтони дошле, во едниот кумот и кумата со Ѓорѓија, во другиот родителите. Бебето било повиено во бакарна некалаисана тепсија. После крштевањето, уште четири деца им се раѓаат од кои три остануваат живи, раскажува Котевски, додавајќи дека баревци многу го засакале војводата.
Во иконостасот на црквата се уште стојат дупките од куршуми
Во иконостасот на манастирот се уште стојат дупки од куршуми кои според кажувањата на Котевски биле истрелани од извесен капетан Драган после Втората светска војна, кога задно со чета партизани влегол во црквата.
-Ми раскажуваа дека капетан Драган, Црногорец, кога дошол во црквата почнал да вика да им се одземе земјата на феудалците, го извадил пиштолот и пукал кон иконостасот. Дел од светците на иконите се погодени во срцето и во главата. Владиката Петар ни рече ова да не се санира, туку да се раскажува што се случило. А ми раскажуваа дека по овој настан, капетан Драган заминувајќи од манастирот качен на коњ се случило чудо, коњот му се разигрува, капетанот си ја удрил главата од греда од старите конаци и починал на лице место, ни раскажува Котевски, советувајќи да не се прави зло ни во црква, ни во џамија.
„Св. Меркуриј“ бил машки манастир до 1945 година
Манастирот располага со 250 погони земја, има имот и во шумата и полето и се смета за средно богат манастир. Дел од имотите се оставени од верниците за здравје, а дел биле купени од монасите кои своевремено живееле во манастирот.
Всушност „Св. Меркуриј“ бил машки манастир до 1945 година, а конаците биле подигнати 1870 година.
Обновата на црква и еден од конаците почнува во 1994 година. Фотографии од запуштената црква стојат за спомен во салонот од конаците.
-Фотографиите се оставени за спомен како ја почнавме обновата на црквата, најпрво од камбанаријата, па црквата, па конаците. Цело село сложно работеше на возобновувањето на манастирот. По двесте луѓе имаше кога се работеше. Рушевините околу манастирот што се оставени порано сите биле конаци и имало и голема трпезарија, ама за жал сите нив не можевме да ги обновиме. Имаме фотографија од француски војник која покажува како изгледал манастирот во Првата светска војна, ни раскажува Пеце Тодоровски, претседател на црковниот одбор на манастирот.
Возрасните ги учат младите од Барешени да се грижат за манастирот, да веруваат во Господ и христијанска вера и да помагаат.
-Овој манастир за нас младите од Барешани е нешто најскапоцено. Се грижиме за дворот, за цвеќињата, чистиме, подготвуваме се што треба да славите. Сите се бериме и сите помагаме. За манастирот се грижиме повеќе од колку за дома, овде доаѓаат луѓе од сите страни на државата и сакаме се да е средено, вели дваесет и пет годишниот Стевче Марковски.
Анета Блажевска