Царинските служби се најкорумпирани, додека здравствените работници најчесто бараат мито посочиле граѓаните на Куманово
Нивните одговори се разликуваат од граѓаните на Гостивар, Битола и Кавадарци кои за најкрумпирано го сметаат судството, а во Штип на врвот на листата се инспекциските служби.
Вработените во царинските служби се најкорумпирани, додека здравствените работници најчесто бараат мито, посочиле граѓаните на Куманово кои биле вклучени во истражувањето за проценка на ранливи области на корупција на локално ниво, кое го изработи Асоцијацијата на демократски иницијативи (АДИ) во пет општини во државата. Нивните одговори се разликуваат од граѓаните на Гостивар, Битола и Кавадарци кои за најкрумпирано го сметаат судството, а во Штип на врвот на листата се инспекциските служби.
На прашањето од кои институции најмногу се бара мито, најголем дел од испитаниците во сите општини рекле дека дека прво е здравството, а следна полицијата.
„Во поглед на Куманово, истражувањето покажа дека граѓаните сметаат оти има зголемување на корупцијата во последните 10 години и дека се работи за големо зголемување. Притоа, како најзначајни сфери беа издвоени здравството, полицијата и судовите, во кои на граѓаните најмногу им било барано мито. Додека според распространетоста на корупција по области, граѓаните на Куманово сметаат дека е царината. Ова претпоставувам дека се должи на местоположбата на Куманово, како блискоста до граничните премини, па граѓаните имаат поинтензивни контакти со граѓани од други земји и пофреквентни контакти со царината“, изјави Марија Димитровска, експерт и еден од авторите на анализата, која ги презентираше резултатите од истражувањето во Куманово.