Сите во Македонија сакаат да бидат одгледувачи на канабис

(Oвој напис е објавен на: September 20, 2019)

Јане Севдински порано работел во правниот оддел во Министерството за финансии. Тој и еден пријател сега инвестираат повеќе од 1 милион евра во четири огромни оранжерии.

 

Поранешниот карате-инструктор Златко Кесковски е многу пред нив. Во неговите објекти, работници облечени во медицински комбинезони ги негуваат цветовите израснати под флуоресцентни светла, внимателно следејќи ги и документирајќи ги производството и складирањето.

Можеби станува збор за еден од понеобичните економски модели, но овие двајца се дел од планот да ја претворат поранешната југословенска република сега наречена Северна Македонија во нација на канабис-земјоделци.

Тоа сè уште е во рана фаза, но целта е да се добие дел од глобалниот пазар на медицинската марихуана, за кој се предвидува дека ќе достигне нешто помеѓу 14 и 50 милијарди долари во текот на следните пет години. А без разлика дали се поранешен полицаец, адвокат или роднини на премиерот, се чини дека сите сакаат да се вклучат во тоа.

Повеќе од дузина компании имаат лиценца од 2016 година, а Министерството за здравство обработува уште 20 апликации, и сето тоа во место нешто малку поголемо од Вермонт и со население од околу 2 милиони луѓе, вели Блумберг.

„Сметаме дека тоа ќе биде профитабилен бизнис“, вели Севдински (49), опкружен со празни кофи во своите простории во градот Куманово. Тој и неговиот партнер досега потрошиле 700.000 евра и повторно ќе ја потрошат истата сума за да го покренат бизнисот. „За околу година и пол очекуваме да биде профитабилен“, вели тој.

Прашањето е дали таквата амбиција се совпаѓа со реалноста во земја што неодамна беше во центарот на вниманието поради домашната индустрија на веб-страници со лажни вести, од кои некои станаа озлогласени на претседателските избори во 2016 година во САД. Целата статија може да се проќита овде.