Цените на храната растат, граѓаните прават залихи
Ако нема друг начин, државата може да интервенира и од стоковните резерви
Државата нема голем простор за маневрирање во однос на цените во пазарна економија, потенцираат експертите. На располагање и се три механизми – контрола преку пазарните инспектори, активирање на стоковните резерви или да се дозволи бесцарински увоз за да се сочува стабилноста на пазарот и да се заштитат потрошувачите. Бидејќи не е вонредна состојба, не може со декрет да се ограничи висината на цената и на маржите на основните животни намирници. Во Македонија годишно се трошат околу 25.000 тони зејтин, а само 10 проценти од потребите, се обезбедуваат од домашно производство.
-Во ваква ситуација, државата не може да седи со скрстени раце и пожелно е да се активираат стоковните резерви. Тоа од една страна ќе ја избалансира побарувачката и ќе ги смири цените, а од друга страна, ќе се направи своевидна проверка и обновување на залихите со кои располагаме. Инфлаторната спирала почнува да се одмотува и мора навреме да се реагира со механизмите кои се на располагање – вели за „Слободен печат“, Мендерес Кучи, претседател на Собранието на Стопанската комора на Северозападна Македонија.