Неможноста за прилагодување на климатските промени – причина за изумирање на растителниот и животинскиот свет

(Oвој напис е објавен на: August 26, 2019)

Иако, растителните и животинските видови се доста отпорни и во одреден временски период можат да се прилагодат на мали промени во природата, нивната немоќ на прилагодување се појавува во периодите кога работите на планетата се менуваат во поголем обем. Тогаш, тие изумираат. Во прилог на ова, говорат и податоците од далечното минато, кога астероидот буквално ги „избришал“ диносаурусите!

Според научните сознанија, во тек е шестото масовно изумирање, а она што го издвојува од сите претходни е фактот што тоа е производ на човечкото делување. Човечкиот вид го уништува исконскиот облик на своето опкружување, а неговите растителни и животински станари немаат многу време да фатат чекор со новонастанатата состојба, откриваат научниците од германскиот универзитет Лајбниц.

Летата се долги и жешки, зимите се кратки и благи. Дождовите и сушите се позачестени. Главната причина за промените на некогаш релативно воспоставениот образец на годишни времиња, лежи всушност во неодговорната и неодржливата експлоатација на ресурсите на планетата од страна на луѓето.

Согласно расположливата литература, истражувањата во најголема мера се концентрирани на птиците. Податоците покажуваат дека, зголемувањето на температурите резултира со промена на биолошките процеси во раноживотниот период.

Тие промени, според германските наоди, ги зголемуваат шансите за опстанок на видовите, но она што е многу важно е дали се случуваат доволно брзо и дали се пренесуваат на идните генерации. Всушност, овде се крие и нивното разочарувачко предвидување – климатските промени се случуваат молњевито побрзо од способноста на прилагодување на живиот свет, така што бројни видови се наоѓаат во ризик од комплетно исчезнување.

Според, Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната заедница за зачувување на природата, повеќе од 26 илјади видови се наоѓаат под ризик од исчезнување. Доколку не го запреме своето негативно влијание на животната средина, многу извесно е проширувањето на мрачната листа.

Зелена берза

Share Button