Цените на месото, шеќерот и млечните производи растат
Кај маслото за јадење и житариците пад на цените
Светската организација за храна ФАО објави дека на месечно и на годишно ниво индексот на цените на храната е во пад. Сепак, кај дел од основните производи и суровини за преработка и натаму има поскапување, конкретно цените на шеќерот, месото, се во пораст, пишува Порталб.
„И натаму се очекува пад на цените во 2024 година“ – се наведува во новата економска оценка на Народната Банка.
Што поскапува а што поевтинува на светските берзи од кои зависат и цените и на домашниот пазар
Инфлацискиот притисок „попушта“. Новите мерења на ФАО покажуваат забавување на ценовниот раст, кај одредени прехранбени производи дури и намалување на индексот на цените и на годишно и на месечно ниво. Единствено цените на шеќерот се во пораст и на месечно и на годишно ниво. Движењата на цените на основните прехранбени производи и суровини на светските берзи и пазари го одредуваат курсот на движење и на цените кај нас, меѓу другото, и поради големата увозна зависност на земјава во прехранбениот и преработвачко-кондиторскиот сектор. Според новите податоци од ФАО, во февруари во однос на јануари индексот на цените на храната е намален за 0,7% додека на годишно ниво падот е за 10,5%.
Конкретно, индексот на цените на житарките на месечно ниво е намален за 5% додека во однос на лани истиот период падот изнесува 22,4%.
„Меѓународните цени на сите главни житни култури се намалуваат од месец во месец. Главен фактор се очекувањата за големи жетви во Аргентина и Бразил, заедно со конкурентните цени понудени од Украина, која сака да го искористи непреченото одвивање на поморската трговска рута. Се намалија и светските цени на јачменот и на оризот“ – се наведува во новата анализа на ФАО.