Да ја користиме планината,но да не ја загадуваме- апелираат ренџерите од НП Пелистер

(Oвој напис е објавен на: May 27, 2019)

 

 

 

Мајчина душица, кантарион, планински чај, оригано, јагода, боровинка, глог и други шумски видови на растенија, вкупно шеснаесет, се предмет на истражување.

 

Добро е кога се работи за да се подобри состојбата на шумските производи, внимателно да се берат, да не се оштетуваат плодовите. Но, треба да ја зачуваме и планината во добра состојба. Еден апел до оние што берат на Пелистер, да се внимава со ѓубрето. По бербата, знаат некои несовесни лица да остават ѓубре. Ја користиме планината, но не смееме да ја загадуваме. Имаме добивка, а оставаме ѓубре, ова се апелите на ренџерот Иљо Стерјовски од НП Пелистер на работилница од проектот „Одржливо искористување на растителни природни ресурси во Преспанскиот регион“.

Балканската фондација за одржлив развој во соработка со Националниот парк Пелистер организираше инфо-ден во рамките на проектот „Одржливо искористување на растителните природни ресурси во Преспанскиот регион“, со посебен акцент на НП Пелистер. Овој проект е дел од проeктот за „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ финансиран од ЕвропскатаУнија, а се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Главната цел на проектот е подобрена заштита, конзервација, мониторинг и одржлива употреба на комерцијалните самоникнати растителни видови, која ќе се постигне преку мапирање и одредување на биопотенцијалот на растенијата, промоција на природните и традиционални вредности и подигнување на јавната свест за значењето на самоникнатите растителни видови во Националниот парк Пелистер и дел од Преспанскиот регион.

Со цел зачувување на традиционалното знаење на локалното население, а како резултат на спроведените етно-ботанички истражувања со собирачите на лековити растенија и други шумски плодови во повеќе села во Битолскиот и Ресенскиот регион, проектот организира обуки на локалното население за одржливо собирање и употреба на самоникнати растенија. Во рамките на обуките, и со цел подобрување на контролата и следењето на системот за одржливо собирање на самоникнати растенија предвидени се обуки и за вработените на НП Пелистер.

-Од тоа ќе произлезат и квотите и одредување на биопотенцијалот, односно продуктивноста на одредени видови,за подоцна Министерството за животна средина да може да одреди колку количина може да се собира од самата средина, од НП Пелистер, рече Силвана Манасиевска- Симиќ, тим лидер на проектот.

Собирачите на Пелистер добиваат легитимации, маркици и во последно време нема некои прекршувања на правилата од нивна страна. Годишно се пријавуваат околу 300 редовни собирачи на билки и плодови и околу 150 нови, во зависност од цената и реколтата.

-Линцура како атрактивен вид е забранета за собирање и се води строго сметка кој, каде и како собира. Оние кои не го почитуваат ова се опоменувани. Имавме случај со непридржување на почетокот на бербата на боровинката оти таа треба да е биолошки зрела за да може да се собира и за оние кои вршеа такви прекршоци имавме и неколку случаи каде беа и покренати судски постапки. Потоа ситуација се стабилизира и немаме некои проблеми, рече Пеце Цветановски од Националниот парк Пелистер.

Проектните истражувања ќе резултираат со подготовка на физибилити студија за боровинка, развој на дигитална мапа, подготовка на прирачник за одржлива употреба на самоникнатите растителни видови со јавни информации за локациите, карактеристиките на почвите и достапните количини на овие растенија. Проектните активности се спроведуваат со ангажирање на експерти од Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје и Шумарски факултет-Скопје.

 

А.Блажевска

Share Button