Да не се лажеме – чист мед за 300 денари не може
Фалш мед го уништува вистинското производство
Неповолните климатски услови го урнисаа пчеларството. Како последица на долгиот и сушен период и високите температури, производството на мед оваа година ќе биде преполовено. Меѓутоа климатските промени не се единствената причина поради која се намалува производството на мед. Фалсификаторите на овој производ земаат сѐ поголем замав, нивниот број е сѐ поголем, па тие, продавајќи го медот по значително пониска цена од реалната, ги земаат купувачите од производителите на мед што макотрпно го создаваат овој природен еликсир.
Фалсификаторите на мед го уништуваат производство на мед. Тоа е општ став на пчеларите што многу години се занимаваат со производство на мед.
Според нив, денес како никогаш досега се продава фалсификуван мед на секој чекор, во продавници, на социјалните мрежи, пред маркети, на пазари, а за исправноста, односно за квалитетот на медот нема никаква гаранција.
На граѓаните им се добро познати и репликите со кои наводните производители на мед се обидуваат да го продадат фалсификуваниот производ. Тие вообичаено гарантираат дека медот е 100 проценти природен, дека не е мешан со ништо дополнително и дека е со екстра квалитет.
Но, во реалноста, праксата говори нешто друго.
Според пчеларот Ванчо Кировски, фалсификаторите на мед се проблем за пчеларите, но најголем проблем се за купувачите на мед, кои немаат заштита од институциите.
Сите знаеме како се решава проблемот, но дали тоа ќе биде направено не зависи од нас пчеларите. Ние бараме секогаш да се вршат редовни и вонредни анализи и контроли. Мојот став е отсекогаш јасен, секој потенцијален купувач треба да биде информиран за тоа што купува и автоматски да биде и добро заштитен од манипулации и фалсификати. Не се согласувам со тоа дека фалсификаторите на мед можат да ги разубедат одговорните и чесни пчелари да се откажат од пчеларството и да го сменат својот карактер на квалитетно пчеларење. Секој пред да започне да пчелари треба да знае дека пчеларството не е математика, дека пчеларството припаѓа во земјоделството, односно сточарството, а таму во сточарството од климатските услови и од горенаведените проблеми зависи каков успех и квалитет ќе се добие на крајот во теглата мед – вели тој.
Според него, граѓаните можат да се заштитат од фалсификуван мед на два начина.
– Првиот начин е да го сторат тоа институциите според својата надлежност, секој купувач треба да се чувствува безбеден и да има доверба. Ако не е задоволен купувачот од начинот како го прават тоа оние што се платени за тоа, тогаш втората можност е самиот да се едуцира и самиот да врши анализи и контрола на пчелните продукти што ги купил за свое консумирање и тоа да го направи со прирачни или лабораториски анализи. Но и за тоа се потребни минимална едукација и информации – вели тој.
Инаку, според него, освен фалсификуваниот мед, големо влијание врз намаленото производство има и нарушена рамнотежата помеѓу животните и билките, а особено помеѓу инсектите и растенијата и нарушената рамнотежа помеѓу животните и инсектите и се доведува во прашање опстанокот на пчелите.
– Тоа значи дека е намален биодиверзитетот со уништување на многу автохтони билки и растенија со прекумерна неконтролирана употреба на пестициди, а со тоа се нарушуваат континуитетот на нектарење и изворите на полен, како основен услов за развој и опстанок на пчелните заедници. Особено опасност се овоштарите и неедуцираните трговци со препарати за третирање на овошките и несфатливата традиција на третирање на овошните насади во цвет, не знаејќи дека пчелите се полинатори и опрашувачи на овошните насади за побогат и попродуктивен род во овоштарството – смета тој.