Дали Македонија е депонија на европската храна?
Чоколада со сурутка наместо млеко, виршли без месо, детска храна со помала количина зеленчук, прашок за перење со помалку активни материи. Ова се само дел од производите кои се продаваат на полиците во Источна Европа и на Балканот, а имаат полош квалитет во споредба со истите брендови кои се нудат на западноевропските потрошувачи. Неколку официјални анализи покажаа дека Хрватите, Словаците, Чесите и Бугарите јадат понеквалитетна храна и користат пошкарт производи од Германците или Французите, а плаќаат иста цена.
За тоа каква е состојбата во Македонија не може да се даде сигурен одговор бидејќи ниту една овластена институција нема направено споредбена анализа на квалитетот на производите што мултунационалните компании ги продаваат тука со оние на западноевропските пазари. Но, неофицијално, и Македонците се наоѓаат во овој кош на потрошувачи од втор ред бидејќи производите кои се продаваат кај нас потекнуваат од истите набавни места како во соседните држави. Сомневањата одат дотаму, што се смета дека во некои мултинационални фабрики постојат паралелни производни ленти за ист производ за различен пазар.
Бебешко млеко за европски и за македонски пазар
Во Организацијата на потрошувачи на Македониа (ОПМ)велат дека многу одамна знаат за оваа проблематика и често имаат пријави од страна на потрошувачи.
– Имавме еден таков пример кога потрошувач ни донесе два примерока на бебешко млеко од ист бренд, едното за европски, а другото за македонски пазар. Иако цената им беше речиси иста, квалитетот многу се разликуваше на штета на производот за македонски пазар. Ние не можевме ништо да преземеме бидејќи производот не е штетен, ниту па да наложиме на некого во ЕУ да воведе измени, а добивме информација и дека истото се случува и во Словенија. Не само за Македонија, тука за цела Источна Европа се забележуваат производи од секоја индустрија со послаб квалитет- вели Маријана Лончар Велкова, претседателка на ОПМ.
Тие апелирале до Европската организација на потрошувачи да го постави прашањето во земјите членки на ЕУ и да се направат напори да се подигнат стандардите.
– Ние како ОПМ не можеме сами да изведеме таков вид на истражување, туку ни е потребна поддршка од Агенцијата за храна и ветеринарство, од здравствениот, фитосанитарниот и другите инспекторати кои ќе може да го проверат квалитетот на производите. Потрошувачите секогаш треба да знаат за што плаќаат и производителите треба да ја сменат оваа пракса бидејќи знаат дека се откриени и знаат дека ги дискриминираат корисниците- вели Лончар.
Аларм во Брисел
Брисел го запали црвеното светло откако неколку анализи покажаа дека е значително инфериорен квалитетот на многу прехранбени производи што се продаваат во Источна Европа и на Балканот од страна на западните мултинационални компании во однос на тоа што се продава во Западна Европа. Вера Журова, европски комесар за правда, потрошувачи и родова еднаквост најави строги мерки против компаниите ако не ги променат двојните стандарди во поглед на квалитетот и составот на производите.
– Јасно и гласно кажуваме: ова е неправедна комерцијална практика. Во многу случаи, убедена сум дека законот е прекршен, бидејќи измамата е очигледна- рече таа.
Журова не именуваше одредени марки, но изјави дека ќе го стори тоа ако производителите не ја напуштаат дискриминаторската пракса.
– Нема да се двоуми да ги именувам брендовите, па дури и да ги поттикнувам луѓето да не ги купуваат. Многу сум одлучна за ова- рече Журова.
Кај нас не се врши споредбена анализа
Во Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека досега немаат направено лабораториско испитување на производи заради споредбено утврдување на квалитетот, а за оваа година не е планирано да се спроведе на ваков тип на опсежно истражување. До Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ нема поднесени претставки по однос на отстапувања во квалитетот на два исти прехранбени производи.
– Лабораториски се испитува безбедноста и квалитетот на производите, но, од аспект на проверка дали она што е запишано на декларацијата соодветствува со составот. За да се стави во промет, храната во РепубликаМакедонија, без оглед дали станува збор за храна од домашно производство или од увоз, неопходно е да ги исполни општите и посебните услови за безбедност на храна. Засега, приоритет е контролата на безбедноста на производите и нивниот квалитет, односно утврдувањето дали производите кои се пласираат на македонскиот пазар ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на храната- велат во АХВ.
Лабораториски испитувања од ваков тип може да се вршат единствено во акредитирани лаборатории со акредитирани методи, посочуват оттаму.
– Инспекциските служби на Агенцијата, во рамки на редовните инспекциски контроли наскоро ќе го спроведе мониторирање на квалитетот на производите од животинско потекло (млечни и месни преработки), од домашно производство и од увоз од ЕУ и од трети земји, а кои се пласирани на македонскиот пазар- велат во АХВ.
Исто така има недостиг на средства за научно-истражувачка дејност кај македонските факултетски лаборатории кои би можеле со доволна поддршка и сами да вршат истражувања на пазарот, односно тоа што сите го знаат за храната не можат официјално да го потврдат бидејќи немаат спроведено анализи и добиено официјални докази.
Што открија Хрватите?
Истражувањето во Хрватска покажа дека виршлите „Вуди“ за хрватскиот пазар се направени од механички откостено месо, кое според прописите на ЕУ не смее да се означува како месо. Истите овие виршли на германскиот пазар се произведени од право мисиркино и пилешко месо. Плус, производот од хрватскиот пазар содржи адитив полифосфат, а во анализите се откриени и разлики во боја, вкус и текстура.
Кај детската храна на „Хип“, ориз со морков и мисирка, верзијата за хрватските купувачи содржела значително помал дел на зеленчук и поголем дел на ориз отколку германскиот производ. Исто така производот за Хрватска немал воопшто компир. Кашичката во Хрватска била 54 отсто поскапа отколку во Германија.
Хрватската „Нутела“ содржи сурутка како поевтина суровина и помал процент на млеко, додека во Германија таа е изработена само од млеко. Производот за хрватски пазар бил посветол и наместо арома на лешник имал арома на какао. Освен храна, најдена е значителна разлика кај прашокот за алишта „Ариел“, кој купен во германски маркет има значително посилно дејство на пониски температури.
Што велат компаниите?
Големите компании се правдаат дека мора да го менуваат составот на одредени производи за да ги приспособат на навиките и вкусовите на луѓето од регионот каде што продаваат. Мултинационалните прехрамбени компании велат дека разликите во составот на производите се должи на особеностите на националните вкусови, односно дека во некои земји сакаат посолени, некаде поблаго и слично, но не даваат објаснување зошто речиси секогаш нивото на квалитет е пониско во посиромашните земји.