fbpx
Агро бизнисВестиМакедонија

Дали попладнево конечно пратениците ќе ги изгласаат антикризните мерки

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе гласа за антикризниот пакети и дека ќа обезбеди кворум, но дека тоа нема да го стори за првата седница.

Во Собранието денеска ќе има уште еден обид да бидат изгласани законите од петтиот антикризен пакет со што тој треба да стане функционален. Претседателот на Собранието, според поканите за седниците, остана на ставот најпрво во 14 часот да се одржи 32. седница, а за само 15 минути подоцна ја закажана 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет. ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе гласа за антикризниот пакети и дека ќа обезбеди кворум, но дека тоа нема да го стори за првата седница.

Законите од петтиот пакет чие донесување многу доцни, се очекуваше конечно да бидат изгласани во четвртокот, но координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на Собранието повеќе од два часа се расправаа дали да се гласа по точките од 32. седница и потоа да се продолжи 36. седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да се продолжи со 36. седница.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески соопшти дека тројца пратеници од нивните редови се во болница поради ковид-19, и поради тоа владејачкото мнозинство нема кворум.

Претседателот на Собранието Талат Џафери инсистираше да се изгласа 21 точка од 32 седница, па потоа да се продолжи со 36-тата седница, а опозицијата бараше да се одложи гласањето доколку парламентарното мнозинство нема кворум и да се почне со 36-тата седница.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител” рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на 36. седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, но не и на 32. седница.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во Собранието и ќе учествува во работата на 36. седница. Доколку немаат пратеници, сите 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во пленарната сала. Нема да бидеме внатре на 32. седница. Работа на претседателот на Собранието е да констатира има или нема кворум за 32. седница. Доколку има кворум, работи по 32.седница и завршува со неа. Доколку нема кворум, не ја ни почнува или констатира и ја презакажува за некој нареден период”, рече Мицевски.

Законите од петтиот пакет подолг период се заглавени во Собранието, а од овие закони зависи исплатата на платите за февруари и март, како и финансиската поддршка за економските оператори за излез од кризата предизвикана од пандемијата.

Што поскоро донесување на законите од петтиот пакет мерки бараат и бизнисмените и синдикатите.https://www.mkd.mk/makedonija/politika/dali-popladnevo-konechno-pratenicite-kje-gi-izglasaat-antikriznite-merki

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close