Даночни олеснувања и укинување на дополнителните трошоци за бизнисот, бара Стопанската комора
Царинската управа, најави реконструкција на граничните премини Деве Баир, Ќафасан и Делчево, нивно проширување со дополнителни ленти за проток на стоки, како и продолжување на реформите во делот на давачките и процедурите.
Да не ги обременуваме компаниите со дополнители, непотребни трошоци. Секое намалување на цените, на увозните и на извозните давачки, е плус за нив и за нивните партнери. Да им помогнеме да ја издржат кризата преку поедноставување или укинување на административни пречки и преку рационализирање на трговските процедури, порача денеска Стопанската комора на Македонија од граничниот премин Табановце – Прешево.
Царинската управа, пак, најави реконструкција на граничните премини Деве Баир, Ќафасан и Делчево, нивно проширување со дополнителни ленти за проток на стоки, како и продолжување на реформите во делот на давачките и процедурите.
-Никој не можеше да претпостави колку ќе трае корона кризата и како да се димензионираат мерките. Не знаеме ниту како ќе се одвиваат понатаму состојбите. Има претпоставки дека до пролет или до лето се ќе заврши, но компаниите секојдневно се соочуваат со предизвици – дали можат да ги задржат вработените и како да функционираат, со колкав капацитет. Поголемите можеби ја преживеаа кризата, но дел од помалите не. Затоа, се бараат средства и механизми по секоја основа за опстанок. Она што во моментов е битно, е како да ја олесниме нивната работа и да ја зголемиме конкурентноста, рече в.д. извршната директорка, Билјана Пеева Ѓуриќ.
Според директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, многу скоро се очекува проширување на т.н. зелени коридори.
-На последниот Комитет на ЦЕФТА беше заклучено дека зелените коридори треба да продолжат да функционираат и да се прошират на граничните премини со ЕУ. Се интензивираат состаноците меѓу ЦЕФТА секретаријатот и царинските администрации. Очекуваме многу брзо проширување на зелените коридори, но за нас е клучно да ги реконструираме Деве Баир, Ќафасан и Делчево, да ги прошириме со дополнителни ленти за проток на стоки, истакна Танасоски.