вестиМакедонијаТоп вести

Се зголемуваат ли надежите за сончогледот во Македонија?!

И покрај досегашните обиди сончогледот да се наметне како култура која е исплатлива и повторно да си го заземе своето место како во минатото, тоа не се случи. Земјоделците уште имаат голема доза скептицизам и не го сеат на големи површини. Иако имаат загарантиран откуп, сепак заради ниската цена не  се одлучуваат да го одгледуваат.

 

Пченка, сончоглед, тутун, пипер и бостан, ова се културите што земјоделците оваа пролет ги испланираа на земјоделските површини низ државата. Цената и и пласманот се најголемите причини од кои се водеа земјоделците на што да се посветат. И покрај сите турбуленции за време на откупот, во очите на земјоделците тутунот уште е култура број еден и на неа најмногу се задржуваат. По него е пиперот, па дури после доаѓаат останатите култури. И покрај досегашните обиди сончогледот да се наметне како култура која е исплатлива и повторно да си го заземе своето место како во минатото, тоа не се случи. Земјоделците уште имаат голема доза скептицизам и не го сеат на големи површини. Иако имаат загарантиран откуп, сепак заради ниската цена не  се одлучуваат да го одгледуваат.

-Пролетната сеидба ја завршивме посеавме сончоглед и пченка. Пченка на 2 ха, а сончоглед на 2,5 ха. Назад ни се  тутунот, пиперот и бостанот. Две години сеам сончоглед, имам договор  со фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес  ама нешто не оди, цената е ниска 17,30 ден, се пожали Славе Стефановски  од с. Средно Егри битолско.

Раскажува дека имале средба со раководството на фабриката и дека им било ветено нешто да се зголеми , ама е во неверување. Вели дека со оваа цена да се произведува сончоглед е неисплатливо.

-На границата сме не ни останува ниту по еден ручек в кафана да јадеме. Откуп има ама нема цена, плус во Пелагонија  а и во цела Македонија условите не се добри. Немаме доволно дождови, имаме суши и приносот е многу мал така што не е исплатливо да се сее сончоглед, додава Славе и се присетува како било порано. Во времето на социјализмот кога сеевме имаше еден паритет од 3:1,  3 кг пченица и 1 кг сончоглед што во денешно време е 30 ден и би било реална цена. Да не бараме леб преку погача, 30 ден/кг за да има некој остаток земјоделците да може да купат нешто, да обноват некоја посовремена машина да може повеќе да ѓубрат, наводнување, за да се зголеми производството. Со 17 дена не може тоа да се постигне. Во добри услови лани извадив 1830 кг од 2 ха. Со повеќе ѓубрење може  ќе  може да се постигне до 2,5 т ама ќе се зголеми и трошокот  и ко ќе дојди наесен да ја направам математиката пак ќе биде нула нема остаток, додава Стефановски.

Славе обработува 17 ха земја но сончогледот е најмалку застапен. Сее пченица за која вели дека  оваа сезона  никогаш не била подобра и се надева на добар принос. Исто така оптимист е и со тутунот и пиперот бидејќи како што вели тие, имаат подобра цена. Лани добро поминал и со бостанот но оваа година е загрижен заради проблемите што ги донесе корона кризата.

–       Со бостанот како ќе биде не знам заради кризата со корона вирусот оти претежно кај нас бостанот оди за извоз во  странство. Ако не се отворат границите ќе биде тешко, објаснува Славе. Инаку нормално си работиме  сите сме по поле никој не не брани, се одвиваат работи како што треба.  Мора да се бркаат работите не може да се остави, во земјоделието нема  од денес за утре „утреш куќа не крепи“, додава тој.

Повеќето земјоделци се жалат на временските не/прилики, Славе вели дека против природата не се може и како што знаат жителите од реонот на Егри да има или поплави или суши, пролетната сеидба е квалитетно завршена.

-Има  добро поникнување доволно влага, сеидбата е квалитетна, можам да речам дури подобра од што треба, а со добро поникнување може да се очекува и добар принос. Овде во Егри секогаш страдаме  од поплави, ама немаше многу врнежи, зимата беше топла , оваа година немаме проблем освен оној период кога имаше пролетен снег.

И покрај сите проблеми со кои се соочуваат Славе не се откажува од земјоделието, напротив му се приклучува и неговиот син кој е вклучен во сите активности.

П.Јовановска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close