Данок на јаглерод диоксид – Сточарите ќе плаќаат нова давачка во Европа
Владата во Данска постигна компромис со земјоделците, прехранбената индустрија, синдикатите и еколошките здруженија за новата давачка.
Данска планира да воведе данок на јаглерод диоксид во сточарскиот сектор на крајот на деценијата, објави Владата, истакнувајќи дека на земјоделците ќе им обезбеди субвенции и даночни олеснувања за да им го олесни приспособувањето на нивните бизниси. Данокот беше предложен во февруари од експерти ангажирани од Владата за да најдат решенија за законски задолжителното намалување на емисиите на стакленички гасови за 70 отсто во споредба со нивоата од 1990 година.
Владата постигна компромис со земјоделците, прехранбената индустрија, синдикатите и еколошките здруженија за новата давачка. Данска е главен извозник на свинско месо, млеко и млечни производи, а земјоделството е најголемиот извор на штетни гасови. Од 2030 година земјоделците ќе треба да плаќаат данок од 300 дански круни (40,30 евра) за тон јаглерод диоксид. Од 2035 година, износот треба да се искачи на 750 дански круни.
Земјоделците ќе имаат право на намалување на данокот од 60 проценти, што значи дека тие всушност ќе плаќаат данок од 120 круни за тон ЦО2 од 2030 година и 300 круни од 2035 година. Владата ќе ги следи со субвенции што треба да го олеснат сточарството, а земјоделците да го приспособат својот бизнис. Данокот може да ја зголеми цената на килограм мелено говедско месо за две круни, како што најави министерката за економија Стефани Лосе. Во моментов во данските дисконти се продава по цена од околу 70 круни. Предлогот сè уште треба да биде одобрен од парламентот, но аналитичарите очекуваат тој да биде усвоен.
Данските земјоделци стравуваа дека ќе бидат принудени да го намалат производството и да ги намалат работните места поради климатските цели, но компромисот ги смири. Договорот внесува јасност во барањата на земјоделците.