Дарко Димоски-Вистинскиот мед се откупува од улиште, не стасува до пазарите
Секој пчелар што има околу стотина кошници може да егзистира само од пчеларство, зашто не е само медот производ од кој може да се заработи.
Чистиот и квалитетен мед се купува директно од улиште и не стасува до пазарите и тезгите, вели младиот пчелар Дарко Димоски чии корени водат од селото Марул, а живее во Прилеп. Кошниците со пчели на Дарко се лоцирани во мариовското село Кален, во северозападниот дел на Прилепско Мариово, во еколошки чиста животна средина, која изобилува со дрвја и билки, кои пак го прават медот неверојатно вкусен и миризлив.
Димоски има 34 години, а првите пчелни семејства неговата фамилија ги купила пред дваесетина година, па сега со гордост раскажува дека пчелари од своја 14 годишна возраст, а занаетот на медарите постојано го надоградува со посета на стручни семинари, читање на литература и интернет. Нашиот пчелар годишно произведува до 1,5 тони мед.
-Стасав да одгледувам над 130 пчелни семејства. Во Кален каде ми се сандаците останати се уште двајца жители, овчари, се друго е иселено. Природата е неверојатно убава, пчелите одат на испаша во еколошки чиста средина, околу нас има разни билки, кантурија, мајчина душица, багреми и други дрвја. И во зависност од тоа колку ќе биде дарежлива природата годишно може да произведам до еден тон мед, па дури и до тон и половина, ама ако е тешка годината може да не соберам ни тегла мед, зошто дрвјата нема да медат. Оваа година е катастрофална за медарите. Времето не ни е во полза. Чурук година. Неизвесноста е голема и сака напорна работа. Сепак, морам да кажам дека има иднина во пчеларството, а и едно семејство ако се ангажира професионално може да егзистира од пчеларство, раскажува Дарко, за кого секој пропуштен ден да не е покрај пчелите, е ден без заработка.
-Секој пчелар што има околу стотина кошници може да егзистира само од пчеларство, зошто не е само медот производ од кој може да се заработува, тука е поленот, млечот, прополисот. Пчеларите од еден килограм прополис можат да заработат и до 10.000 денари, ако е дозиран во мали пакувања, пресметува пчеларот.
Медот на Димоски е оценет за високо квалитетен од таканаречените менаџери-откупувачи на мед, особено оној кој го вади од дивите пчели кои опстојуваат во Мариовско. Всушност, пчеларката Атиџе Муратова и Дарко имаат ист откупувач.
-Покрај толку многу фалш мед кој може да се најде на пазарите, мојот мед подлежи на ригорозна контрола, додека не се откупи. Од секое каче се земаат примероци и се утврдува чистотата на медот, не смее да има ни грам додаден шеќер, зошто медот ќе ми остане неоткупен. Вака менаџерот за откуп е сигурен каков мед откупува, а јас имам загарантиран пласман. Медот ми се плаќа онолку колку јас ќе ја одредам цената, за квалитетен мед откупувачот не се ценка, веднаш го купува, зашто и самиот во својата продавница подлежи на инспекциски контрола, и тука не смее да има промашување, вели Димоски.
Дел од медот што го продава Дарко е од т.н диви пчели кои се во природни средини во внатрешноста на Мариово на надморска височина од 1340 метри кај манастирот „Св. Пантелејмон“ во селото Полчиште.
-Е, овој мед од Мариово нема цена. Домаќинскиот мед не се продава на тезга на пазарите се купува директно од улиште, Јас мед за на пазар немам, вели Дарко додавајќи дека обичен купувач природниот мед може да го препознае по тоа што тој кристализира.
-Инаку се зборува дека кинескиот мед, што се увезува низ Европа не може да го препознае дали е фалш. Па, често на евтин увозен мед се ставаат налепници дека е наш од Мариово и се продава по 400 денари за тегла, предупредува нашиот медар.
Покрај со пчеларникот, Димоски се занимава и со производство на тутун, па годишно, во зависност од временските услови, вели дека произведува од 2, па се до 3 тони тутун.
-Тутун садам најмалку на површина од 10 декари, имам само една своја нива, другите ми се под закуп во Ново и Старо Лагово. Секоја година е различна, колку род ќе наберам зависи од тоа дали е сушна или врнежлива. Годинава имав квалитетен тутун, не се жалам за проценката, иако најголем дел од тутунарите поминаа со катастрофални цени, вели Димоски.
Анета Блажевска