Денеска е Свети Игнат – Што ќе правите денес, тоа ќе го правите во текот на целата година!
Православните верници сметаат дека она што го правите денес, ќе го правите и во текот на целата година.
Игнатовден, односно Св. Игнат, е христијански празник кој православните христијани го слават на 2 јануари.
Според едни верувања, на овој ден Пресвета Богородица ги добила породилните болки, но во преданијата на Православната црква јасно е нагласено дека таа воошто немала породилни болки.
Обичаи, верувања и суеверија
На овој ден започнуваат подготовките за празникот Рождество Христово – Божик и затоа се нарекува и Прв Божик. Празникот секогаш е пет дена пред Божик и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници. Поголем број обичаи поврзани со овој празник упатуваат на заклучокот дека со овој ден започнуваат и новогодишните обичаи, а има и такви што потсетуваат на свеченостите поврзани со далечните пагански прослави на зимската краткодневица и враќањето на сонцето од јужните напоредници. Во таа смисла се обредните огнови познати кај многу народи.
На овој ден, велешани вообичаено вареле пченица и пченка, за плодна година. Во гевгелиско на овој празник жените кои имаат деца не работеле. Во Штип и штипско ги тегнеле децата за уши за да пораснат повеќе. Во Радовиш овој ден традиционално се прославувал мирно, никој не повишувал тон, не се пеело, а денот се започнувал со слатко или нешто благо, наместо со вообичаен појадок. Во скопско се кршеле гранчиња од зеленика, смрека и даб и со нив се потпалувал оган, како благослов за семејството, земјата и стоката. Во Охрид се приготвувале питулици во чест на Исус Христос. Во тетовско на овој ден не се позајмува ништо, додека во мавровско, се очекувале гости, а според изгледот на првиот кој ќе влезе во куќата, се прогнозирала целата година.
Денес именден слават сите кои носат имиња изведени од Игнат – Иги, Натко, Игнатиј…