Деведесет отсто од младите сакаат да се иселат, еден од факторите е корупцијата
Неопходни се реформи, младите сакаат и флексибилно работно време, работа од дома и од далечина
Деведесет проценти од младите луѓе кои се во земјава сакаат да се иселат. Во 2021 година младинската невработеност била 28,3 проценти, но бил висок и процентот на сиромаштијата кај младите луѓе – 27,3 проценти или секој четврт млад човек во земјава се соочува со сиромаштија. Неопходна е реформа на образованието, но младите сакаат и флексибилно работно време, работа од дома и од далечина.
Ова се сознанијата произлезени од вториот јавен настан за подигнување на јавната свест за проблемот со младинска невработеност во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), во рамки на европскиот проект „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“, а во соработка и со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).
– Најважно да работиме на квалитет. Еден од факторите кој поттикнува иселување на младите луѓе е корупцијата. Во 2021 година младинската невработеност е 28,3 проценти. Она што загрижува во нашата држава е дека висок е процентот на сиромаштијата кај млади луѓе – 27,3 проценти или секој четврт млад човек во земјава се соочува со сиромаштија. Една третина од корисниците на социјална помош се млади. Немаме Акциски план за тоа како да се гради квалитетен живот на младите луѓе во нашето општество. Ние можеме да обезбедиме супер вештини за идните професии за младите луѓе, меѓутоа што ако младите луѓе немаат квалитетен живот. Сите ние како општество треба да си ставиме младите во фокусот, да работиме со младите заедно за младите, да ги слушаме младите и така ќе ги задржиме младите дома, рече Стојческа.
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски истакна дека има многу простор да се направи нешто повеќе и потенцира дека реформата на образованието мора да се спроведе и да се реализира целосно до крај.
– Од почетокот на годината имаме отворени повеќе од 2.500 нови работи места, меѓутоа потенцијал за раст има уште и тој треба да се искористи. На младите луѓе треба да им се даде простор, а не само да добијат добро работно место и да заработуваат пристојна плата. Во изминативе година и половина имавме четири или пет огласи за практиканти кои беа платени и беа ангажирани околу 15 млади луѓе, што не е многу, меѓутоа е доволно во рамки ако се има предвид дека Дирекцијата има ангажирани вклупно шеесетина луѓе, тоа е скоро четвртина од луѓето што биле ангажирани биле млади луѓе – студенти, на кои им понудивме можност по завршување на праксата да останат и да работат, рече Деспотовски.
Билјана Стојческа од Младинскиот сојуз и истражувач на истражувањето за младинска невработеност, истакна дека 90 проценти од младите луѓе кои се во земјава сакаат да се иселат, а еден од факторите кој го поттикнува иселување на младите луѓе е корупцијата.https://nezavisen.mk/