Џамбазот Ѓунер Али
Приказна за љубовта кон коњите од најмала возраст, и за еден од последните џамбази во Битолско.
Џамбазот Ѓунер Али е млад човек од Битола, а голем и докажан љубител на коњите. Од најмали нозе учел како треба да се огледуваат коњите, како да се негуваат, ама и како да се процени нивната вредност. За жал во ова модерно време невреме има се помалку одгледувачи на коњи, ама и џамбази.
Во секојдневната комуникација помеѓу луѓето во нашата држава при употреба на македонскиот јазик се присутни и многу зборови од турско потекло т.н. турцизми. Овие зборови и покрај тоа што се прифатени како турцизми тие може да имаат и арапско или персиско потекло. Еден од таквите зборови е и зборот Џамбаз за кој се смета дека покрај турско има и персиско потекло. Овој збор често се употребувал кај постарите генерации и се однесувал за човек кој што знае да тргува со коњи или пак е добар познавач на коњите. Денес фигуративно зборот џамбаз се употребува за луѓе кои се препредени, итри и снаодливи, поточно луѓе кои често ја користат лагата за да ја остварат својата цел.
Приказната за трговијата со коњи успеавме да ви ја доловиме преку џамбазот Ѓунер Али кој несебично ни раскажа за оваа веќе заборавена професија.
-Овој занает почнав да го изучувам уште од мојата седма година. Љубовта спрема коњите ми ја пренесе Стерју Внга. Тој беше познат познат трговец со коњи од Битола, сега покоен. Неговото потекло беше од селото Трново, а џамбаскиот занает го изучил од неговиот татко. Исто така и мојот дедо по име Мустафа Али кој беше родум од село Драчево, а по професија налбат (мајстор кој што режи копита и става потковици) беше голем љубител на коњите. Од трговија со коњи денес не може да се живее. Јас во моментот одгледувам десетина коњи. Кај нас нема скапи племенити сорти на коњи кои достигнуваат астрономски цени во милиони евра. На нашиот пазар претежно доминираат мешани единки. Најевтините коњи се движат по цена од 300-500 евра, додека за најскапиот коњ не може да се добијат повеќе од 2000 евра. Во трговијата со коњи една единка се цени според возраста, истрошеноста на забите, конструкцијата како и по свежина на влакното, вели Ѓунер.
Новото време носи свои вредности, така да значењето на коњите како средство за превоз на луѓе и товар е сведено на минимум. Денес е реткост да се види ова животно. За разлика од тогаш кога во минатото моторните возила отсуствуваа или пак беа реткост, коњот заедно со магарето и маската биле единствено средство за превоз. За пренесување на земјоделските производи до зелените пазари коњот се користел како запрега или пак производите се пренесувале во кошеви. Разни земјоделски производи се продавале и директно од кошевите прицврстени на самарите на коњите. Ова пред се, се однесувало на лубеници и дињи. Исто така многу често во кошари се превезувал набраниот тутун кој се превезувал од земјоделските површини до местото каде што подоцна се обработувал.
-Од ждребе па се до својата петта година коњот се развива и во овој период не треба да се оптоварува. Работниот век потоа продолжува се додека коњот има сила и е во добра кондиција. Должината на неговиот живот и работниот век најповеќе зависи од квалитетното одгледување и отпорноста на болести. Најдолг век на коњ во државата кој е досега забележан и документиран изнесува 25 години. Како последица на модерното време коњите, а со тоа и џамбазите денес се многу ретки. Еден од моите колеги кој сакам да го споменам и кој се уште се занимава со одгледување и продажба на коњи е џамбазот Анастас Бабовски – Ташули од потпелистерското село Ниже Поле, додава Ѓунер.
Фотографија и текст: Игор Петровски