вестиИнтервјуаТоп вести

Димитар Лозевски-Без инвестиции нема напредок во земјоделието

Рубрика-Млад земјоделец Преспа

Димитар Лозевски-Мите(32) е млад земјоделец од Преспа, сопственик на земјоделско стопанство. И тој и неговата сопруга Кристина (32) се регистрирани земјоделци, обработуваат над 3 хектари бавчи со јаболка и цреши.

Димитар потекнува од земјоделско семејство, неколку години паралелно работел земјоделие и бил вработен во земјоделска аптека, но сепак се решил целосно да се посвети на овоштарниците во родното Евла. За почеток се одлично опремени, ја имаат потребната земјоделска механизација, магацински простор, амбалажа, она што планираат за годинава е да вложат во градобијни мрежи на овоштарниците. Сметаа дека тоа е нужна и исплатлива инвестиција.

Брачниот пар, млади овоштари, годишно произведува од 100 до 120 тони јаболка и 3 тони цреши.

Вредните раце на овие наши млади земјоделци им носат позитивни резултати, годинава успеале јаболката да ги пласираат на пазарот во Русија

-Грев е годинава да се пожалиме, целокупниот род го продадовме, отиде за Русија, зашто родот на јаболка од цела Преспа невозможно е да се пласира само на домашниот пазар. Ајдарет, црвен и златен делишец, чадел  понудивме на пазарот и задоволни сме од цените кои во просек се движеа од 25 до 30 евро центи за килограм, вели Лозевски во разговор за „Зелена берза“.

Ништо не е препуштено на случајност кај семејството Лозевски. Секој заработен денар се планира и се инвестира во земјоделието. Во овоштарникот во Евла оваа сезона ќе се поставува заштитна мрежа како превентива од град и невреме. Иако инвестицијата е голема, сепак нашиот овоштар смета дека е повеќе од потребна.

-Во тек сме со набавка на заштитна мрежа од Грција за 6400 м2 насад, стар само 4 години. Правам конструкција. Закочена е набавката заради ситуацијата со коронавирусот, но инвестицијата ќе се реализира, барем за годинава сето ова ќе го направам, како прв чекор. Мора да се инвестира и да се заштити родот, зошто многу лесно може да се уништи и да те доведе во ситуација да не можеш да преживееш. Пролетниот мраз, градот, невремето, а да не зборуваме пак за цените. Ова е инвестиција од над 10 илјади евра, за мое земјиште вреди да се направи. Без инвестиции нема напредок во земјоделието, смета Димитар.

Токму за една ваква инвестиција, според овој млад земјоделец, проблем  е расцепканоста на земјоделските површини, што го прави инвестирањето неколку пати поскапо.

-Не успеавме да го направиме како што треба, окрупнувањето на земјиштето, и парцелите ни се на различни локации, што значи повисок трошок. За еден хектар земјиште градобијна мрежа чини околу 10 илјади евра, ако таа површина е на едно место. Доколку, пак  бавчите се на пример на три различни локации тогаш иако вкупната површина е 1 хектар, инвестицијата ќе чини 15 илјади евра. Разликата е голема, заради самата конструкција, пресметува младиот земјоделец.

Лозевски секоја година успева да ги осигура овоштарниците и смета дека и тоа е правилен потег заради климатските промени. Зашто сушата во насадите во село Евла лани многу се одразила на родот. Се надева дека годинава нема да биде исто. Има бунари, бушотини и системи за наводнување, но како што вели, селото е ридско-планинско и сушата остава последици. Стравувањата се големи и од пролетните мразови.

-Не оставам да не ги осигурам овоштарниците. Пред две години кога имаше пролетни мразови токму со обесштетувањето од осигурувањето успеав да преживеам и да продолжам да го проширам бизнисот, да направам нова реколта, вели тој.

Се бараат измени во законот, кој се може да регистрира земјоделско стопанство

Иако и двајцата сопружници, Димитар и Кристина, се регистрирани млади земјоделци досега не искористиле ниту една од мерките на Владата за помош на млади земјоделци. Но, затоа пак, бараат од Министерството за земјоделство, измени на законот кој се’ може да регистрира земјоделско стопанство.

За Лозевски е несфатливо зошто тој и неговата сопруга не можат да регистрираат одделни земјоделски стопанства?

-Имаме проблем. Двајцата сме во едно земјоделско стопанство, а јас сакав да отворам две. Но, од подрачната единица на Министерството за земјоделство во Ресен, ми одговорија дека не може, бидејќи и двете би биле на иста адреса. За мене тоа се несфатливи работи. Сакам две стопанства за да можеме и двајцата  да ги користиме мерките на Владата. Јас не сакам да прикривам данок, туку да си ги плаќам обврските кон државата. Така секој од нас двајцата ќе може да остварува приход до 40 илјади евра и да и’ плаќа данок на државата од 2 проценти, објаснува Лозевски.

Овоштарниците се подготвуваат за новата реколта

Зарежувањето на овошките заврши, а започна и прскањето со заштитни средства.

-Заради ситуацијата со коронавирусот не доаѓаат режачи од Мала Преспа, Албанија, и сам ги зарежував овошните насади, добро е што за тоа нема временско ограничување. Сите сме по бавчи, работиме и млади и стари. Работам со маска и ракавици и не контактирам блиску со моите сограѓани. Стравувањата се кога, ќе дојде време за бербата на јаболката ако потрае ситуацијата, бидејќи бербата е ограничена со време, а за тоа се бараат аргати, вели младиот земјоделец од Преспа, Лозевски.

Анета Блажевска

Слични написи

Back to top button
Close