fbpx
Вести

ЈАЈЦА ЗА ЕВРОПА – САМО АКО КОКОШКИТЕ СЕ ЛУЛААТ

Европските инспектори за храна по Нова година ќе ги контролираат македонските живинарски фарми и центрите за пакување за да видат дали ги исполнуваат условите да извезуваат јајца на европскиот пазар. Пред неколку денови Европската комисија го одобри извозот на македонски консумни јајца во земјите во ЕУ, но за првите количини да се најдат во европските земји домашните производители треба да добијат зелено светло од инспекцијата на ЕУ.

kvins_argo_i_sie_sd_2

“ЕУ бара јајцата кои ќе се продаваат на нејзините пазари да се снесени од кокошки кои се чувани во современи кафези каде што има гуми на кои ќе си ги тријат ноктите и прачки на кои ќе се лулаат. Во моментот само 2,3 отсто од кокошките несилки во земјава се одгледуваат според европски стандарди. Останатите се чуваат во старите кафези кои не се според Законот за благосостојба на животните”, вели Вили Кичуков, претседател на Здружението за живинарство во Стопанската комора на Македонија.
Според него, осовременувањето на фармите е неколкумилионска инвестиција, па затоа Групацијата веќе подолго време инсистира до Владата живинарството да се стави во ИПАРД програмата.
“Ако не добиеме помош од државата исто како и за бројлерското производство, односно за пилешкото месо и за јајцата ќе станеме увозно зависни”, ни рече вчера Кичуков.

photo-04

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека процедурата за одобрување на извозот која започна во 2010 година заврши со позитивна одлука.
“Агенцијата за храна и ветеринарство доби официјално известување од Директоратот за здравје и безбедност на храна при Европската комисија (ДГ САНТЕ), дека Република Македонија е одобрена земја за извоз на консумни јајца во Европската унија. Одлуката за одобрување е донесена од претставниците на земјите членки на ЕУ на состанокот на Постојаниот комитет за ланецот на храна и здравствена заштита на животните. Нашите производители ќе може да почнат со извоз веднаш по објавувањето на нашата држава на листата одобрени земји за извоз на јајца на пазарите во ЕУ, што се очекува да се случи во јануари 2016 година”, велат од АХВ.
Според АХВ по првичната контрола во 2011 година, во соработка со ДГ САНТЕ и Канцеларијата за храна и ветеринарство на Европската комисија (ФВО), биле преземени соодветни активности и мерки, со цел да се исполнат сите критериуми на европското законодавство, во согласност со насоките што ги дале експертските мисии на ЕУ.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close