fbpx
Вести

Диви свињи ноќе ни ги обраа лозјата во Тиквешко

Глутници диви свињи ноќе се симнуваат од повисоките предели во Тиквешко и се гоштаваат со грозје во лозјата, се жалат лозарите. Дознаваме дека штети има во Kавадаречко, Неготинско и во Демиркаписко. Се зема данок од мускатните благи сорти грозје, но и од најзастапената црна сорта на винско грозје, „кратошија-вранец“. Или, како што велат лозарите, јадат с` што ќе начекаат. На фотографиите направени во демиркапиското село Дрен јасно се гледа грозје паднато на земјата од лозјето што останало под налетот на гладната дивина. За тоа кој се гоштавал со овошјето говорат трагите од стапалките наоколу. Почвата е како преорана.

divi svinji nokje ni gi obraa lozjata vo tikveshko

 

Ортаци за гроздобер

– Вистина е дека не се мали количините грозје што се обрани од дивите свињи во атарот на Дрен. Kај што фатиле, редум јаделе. Во мојот лозов насад од три декари апнале грозје од еден декар. Не знам која е причината, дали се намножиле или останале без храна во повисоките места на планините. Штети има и во атарот на демиркаписко Kлисура. Се сладат со сите сорти грозје, ама ми се чини дека овде во Демиркаписко најмногу ги обожаваат мирисливите гроздови зрна. Во моето лозје, на пример, го обрале и грозјето без семки, кое главно завршуваше за слатко, па годинава н` оставија без омилениот десерт – тврди лозар од Демир Kапија.

Благој Стојков, долгогодишен ловџија од Kавадарци, кажува дека и во Kавадаречко дивите свињи се ортаци на газдите на лозјата во времето на гроздоберот.

– Ловец сум над 40 години. Вистина е дека има многу диви свињи. Најмногу во шумата и во планината, но ги има и на места на кои порано ги немаше. Тие се навртeа и по селата, во пониските делови кои некогаш беа несвојствени за нив. Порано беа во високото и не се симнуваа долу по грозје. Сега, најверојатно, немаат што да јадат горе, па затоа слегуваат долу. Ама и во ниското каде што порано беа чистини, сега како да се пошуми. Нивите со децении оставени без некој да ги работи, обраснаа и станаа орман. Лозарите од целата Тиквешија се жалат дека имаат штети. Во атарите на Моклиште, Бесвица, Вешје, Барово. Дивите свињи крадат грозје и во моето родно село Чемерско, под Kожув. „Вранец“ има, „вранец“ јадат – ни кажа ловецот Стојков.

Го прашавме дали е можно да се испијанат од јадење грозје како една коза за која слушнавме дека се прејала грозје, па се тетеравела.

– Од комиње можеби и може да се заматат оти тоа е веќе кинисато на вино. Од грозје не им е ништо, та дури и да се прејадат со ова овошје – дециден беше Стојков.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close