Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести
До 1 октомври ќе се знае колку ќе изнесува интервентната мерка за индустриското јаболко
Има ли оптимизам кај овоштарите по средбата со Хоџа? Здружението на овоштари „Благој А. Котларовски од Преспа го презентира извештајот од одржаниот состанок со Mинистерот за земјоделие Арјанит Хоџа.
Здружението на овоштари „Благој А. Котларовски од Преспа го презентира извештајот од одржаниот состанок со Mинистерот за земјоделие Арјанит Хоџа.
Почитувани јаболкопроизводители,
Ви го презентираме извештајот од одржаниот состанок со Mинистерот за земјоделие Арјанит Хоџа .
На состанокот, кој се одржа на 20.09.2021 год. во просториите на МЗШВ присуствуваа:
– Министерот за земјоделие
– Членови на кабинетот и негови совеници
– Раководителот на секторот при МЗШВ за овоштарство и лозарство Борче Јоновски
– Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски
– Преработувачи и трговци на индустриско јаболко: Вита Рес, Румко, Нектар, Агро-мото трејд.
– Земјоделци – јаболкопроизводители
Се разговараше и се даваа предлози и решенија са сите осум точки од нашето Барање.
1. Интервентна мерка за индустриското јаболко – Веднаш ни беше кажано дека има реални шанси и можност мерката да се реализира. Во поглед на тоа каква конкретно ќе биде мерката, колку таа ќе изнесува, ќе зависи од отупната цена што ќе ја понудат преработувачите и трговците ( во понатамошниот текст откупувачите ). Во овој дел, од страна на Министерот на откупувачите им беше јасно ставено до знаење дека се знае откупната цена на индустриското јаболко во регионот и дека тој и Владата очекуваат цената на индустриското јаболко што тие ќе ја понудат, да изнесува минимум три (3) денари. Во спротивно, Министерството има и ќе предложи други мерки, со цел да се постигне што е можно повисока цена. Никој од откупувачите не ја кажа цената која ќе ја понудат, односно дека во овој момент немаат цена.
Бидејќи никој од откупувачите не кажа цена, од страна на Министерот беше предложено земјоделците да се воздржат, односно да не продаваат индистриско јаболко до 01.10.2021 год.
Бевме замолени да причекаме. Министерството односно Министерот во наредните десет дена т.е. до 01.10.2021 год. ќе излезат со конкретен предлог за тоа каква ќе биде и колку ќе изнесува интервентната мерка.
2. Забрзување на процесот за исплата на штети од оваа година – Градоначалникот кажа дека општинските комисии работаат. Пристигнати биле 2140 барања и дека повикот за пријавување практично траел до пред еден месец. Поради обемот на работа и специфичноста на проблемот се уште не се готови сите барања, меѓутоа дека во најкус можен рок ќе се завршат и ќе се предадат во владината комисија.
3. Исплата на штети од 2016 до 2018 година – За 2016 год. Министерството за земјоделие има предложено до Министерството за одбрана, како надлежно министерство што е можно побргу да се направат корекции – измени во Законот за заштита и спасување и да се изгласаат во Собрание, како би се овозможило да се исплатат штетите.
За 2018 година беше кажано дека имало разлики во проценките односно процентите на штети со кои излегле општинските комисии од една страна и проценките на Бирото за судски вештачење од друга страна. Беше ветено дека ќе се забрза постапката за усогласување.
За 2017 година биле исплатени сите барања за пријавените штети од мраз и град. Градоначалникот дополнително ќе провери во општинската комисија дали има неисплатени барања за штети.
4. Предности и недостатоци на осигурувањето – Во најскоро време од страна на Министерството до Владата ќе биде предложен нов закон.
Со овој закон ќе се формира Осигурителна агенција која ќе биде носител во делот на осигурувањето во земјоделието ( по примерот на Турција ).
Во секој случај, веднаш по предстојните избори ќе има јавна расправа и можност да се слушне размислувањето на земјоделците.
5. Обезбедување на нови пазари – Во поглед на Египет имало слаб интерес од нивна страна, но сепак се прават напори за да се оствари соработка.
Јордан – Направени биле повеќе контакти. За блиска иднина се очекува нашиот министер да биде повикан таму за да потпише меморандум за соработка со соодветното министерство. Ни беше кажан податокот дека од вкупната количина потрошено јаболко во Јордан 65% – 70% доаѓа од Полска.
Украина – Веќе е договорено укинување на царината за повеќе земјоделски производи меѓу кои и јаболкото (изнесуваше 15% сега ќе биде 0%). Со тоа се отвора шанса за влез на украинскиот пазар.
6. Проблем со неисплатеното откупено јаболко – Министерство односно ресорениот Министер немаат можност и начин како да влијаат во решавањето на овој проблем. Се надеваат дека земјоделците веќе се свесни и знаат кои трговци не плаќаат и должат, и нив не треба да им ги продаваат јаболката.
7. Линеарно зголемување на субвенциите – Спремни се веднаш тоа да го направат, под услов да им помогнеме да се откријат манипулациите на оние земјоделци што земаат субвенции за одржување на насадите, а не ги одржуваат. За таа цел беше предложено да се формира комисија составена од вработените во подрачната единица и членови на месните заедници.
8. Зелена нафта да се добива во литри, а не во денари – Тоа не би требало да биде голем проблем, бидејќи се работи повеќе за техничко прашање. Веднаш ќе се почне со реализација. До 2024 година предвидено е да се покриваат 100% од потребите количини нафта за одржување на насадите.