До кога ќе јадеме свинско месо со печени цени?
Килограм свински бут се продава и за повеќе од 400 денари во некои маркети, а за истата категорија месо пред неколку месеци граѓаните требаше да одвојат околу 300 денари.
Свинското месо за помалку од една година поскапе повеќе од 20 отсто, но цените најмногу се зголемија последниот месец и половина. Така килограм свински бут се продава и за повеќе од 400 денари во некои маркети, а за истата категорија месо пред неколку месеци граѓаните требаше да одвојат околу 300 денари.
Растот на цените на свинското месо не се случува само во Македонија, туку во речиси целиот регион. Ако се направи споредба со цените за килограм свински бут тогаш просечната акциска цена во Македонија се движи околу 380-400 денари, иако редовните цени се повисоки и за околу 15 проценти.
-Намалуваме не месо во исхраната. Ако претходно ставав половина килограм во манџа за четворица, сега ставам помалку, па и се шегуваме дека е важно што пуштило мрсно. Ќе се прилагодуваме на условите, цените повисоки, две плати исти дома, ќе се снаоѓаме – вели Снежана Тодоровска.
Во Србија исто акциска цена на оваа категорија свиснско месо е околу 315 денари, Хрватска 390, Бугарија 410, а највисока е во Албанија каде надминува 500 денари по килограм. Цените се разликуваат во различни продажни места, но генерално во месарниците се пониски од големите маркети.
Според производителите на месо, и познавачите на месната индустрија во земјата има неколку причини за повисоките цени на свинското месо.
На домашниот пазар има доволно свинско месо
Тоше Атанасовски од Здружението на одгледувачи на свинско месо „Гицко“ вели дека големите маркети имаат повисоки цени на свинското месо, а во малите локални месарници цените се пониски. Токму тоа, вели тој, е причината во разликата на цените од 50 до 100 денари на килограм свинско месо во одредени месарници.
– Главна причина за тоа е што во малите месарници газдите се и самите месари и сопственици. На големите маркети, пак, продажбата на месо не им е главен профит. Затоа, преку неделата цените на месото ги покачуваат, а за викендите прават акции на поевтино месо, со цел да привлечат повеќе купувачи – објаснува тој.
Според Атанасовски, во земјата се одгледуваат доволно свињи за да го задоволат домашниот пазар.
– Цената на свинското месо е покачена првично затоа што се високи и цените на суровините, односно поскапена е храната за одгледување на свињите. Истовремено е поскапена струјата, а и нафтата. Касапите земаат над 40 ијади денари плата. Тоа е големо оптеретување за една одгледувачница на свињи – објаснува тој.
Но, сепак посочува дека во нашата земја за една година цената на килограм свинско месо е поскапена за 25 отсто, што е најмал пораст на цената за разлика од соседните земји.
– Пред една година цената на еден килограм свинско месо беше околу 320 денари, сега е околу 400 денари. Подраматично е поскапувањето кај пилешкото месо, кое сега е 360 денари кило во месарница. А, пилето се одгледува пократок временски период за разлика од едно свињче, односно трошок за одгледување е помал – објаснува Атанасовски.
Според него, цената не може да се зголеми, зашто Македонија е мал пазар и нема кој тоа да го плати.
– Со домашно свинско месо го задоволуваме домашниот пазар, иако на светско ниво има намалување на сточниот фонд – додава тој.
Атанасовски вели дека во Србија една свиња (товеник) се продава за 135 денари килограм.
– Кај нас е околу 130 денари. Србија е и голем производител на житарици на Балканот, нивните ниви и стопанство е повисоко од нашето, па затоа и свињата треба да е поевтино кај нив, но засега цената е речиси иста со нашата – заклучува тој.
Повеќе на оваа тема на следниот линк https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/do-koga-kje-jademe-svinsko-meso-so-pecheni-ceni/