Добра хигиенска практика при производството на млеко

(Oвој напис е објавен на: October 2, 2017)

mleko

Производител на млеко се смета секој оној фармер што има едно или повеќе животни кои се чуваат за производство на млеко кое е наменето за промет. Опфатени се сите производители на млеко (кравјо, овчо и козјо) кои млекото го даваат на откуп или пак го преработуваат во сопствени објекти, а потоа производот го ставаат во промет.

Сурово млеко е млеко добиено при молзење на фармски одгледувани животни. Тоа е млеко кое не е загревано на температура повисока од 40 °C.

Во Законот за безбедност на храната и неговото дополнување секој производител на храна се обврзува да посвети големо внимание при производството, преработката, транспортот и дистрибуцијата на храна.  Според тоа мора да се потенцира дека производителот  на млеко односно СЕКОЈ ФАРМЕР или било кој друг оператор со храна е одговорен за безбедноста на производот. За да можеме таа одговорност да ја исполниме  треба ДА ГИ ПОЗНАВАМЕ СИТЕ ФАКТОРИ КОИ МОЖАТ ДА ВЛИЈААТ НЕГАТИВНО ВРЗ БЕЗБЕДНОСТА НА ПРОИЗВОДОТ и НАВРЕМЕНО ДА ГИ СПРЕЧИМЕ или колку што можеме намалиме до прифатливо ниво.

За да млекото биде исправно за исхрана на луѓето потребно е да се исполнат следните услови и тоа:

  • Животното да биде здраво
  • Да се применуваат сите превентивни мерки за одредени заразни болести и навремено да се контролираат
  • Да се произведува сурово млеко кое е исправно за исхрана на луѓето.

Секој одгледувач треба да има УВЕРЕНИЕ ЗА ЗДРАВСТВЕНИОТ СТАТУС НА ЖИВОТНИТЕ. Уверението се издава од овластеното ветеринарно друштво и со него се  докажува дека животните се испитани и немаат заразна болест (туберкулоза и бруцелоза). Со Уверението се докажува дека животните во фармата ги исполнуваат условите за здравствениот статус согласно прописите за здравствената заштита на животните и служи како доказ за млекарницата или некој друг субјект кој откупува млекото од фармата.

Во секој регион (епизоотиолошка единица) постои ОВЛАСТЕНО ВЕТЕРИНАРНО ДРУШТВО кое е надлежно за секоја фарма во тој регион. Тоа значи дека треба одгледувалиштето да се пријави и потоа се издава ФОРМУЛАРОТ 1 кој ќе биде пополнет од нивна страна.

ВТОР ДОКАЗ дека млекото потекнува од ЗДРАВИ ЖИВОТНИ е и ДОКАЗОТ дека млекото не потекнува од одгледувалишта, објекти, територии или делови од територии кои имаат одредени проблеми со појава на некои болести. Животните НЕ СМЕАТ да потекнуваат од фарми, објекти, подрачја кои  се прогласени за  ЖАРИШТА НА НЕКОЈА ЗАРАЗНА БОЛЕСТ. Таквите области се под строга контрола на ветеринарната служба.Официјалниот ветеринар зависно од болеста, состојбата и ситуацијата пропишува низа мерки кои треба  да се спроведат и почитуваат. ДОКАЗ дека нема никакви ограничувања од аспект на здравствената заштита во тој регион исклучиво може да се добие од НАДЛЕЖНИОТ ДРЖАВЕН ВЕТЕРИНАРЕН ИНСПЕКТОР ВО ТОЈ РЕГИОН. Исто така во одредени исклучоци САМО НАДЛЕЖНИОТ ДРЖАВЕН ВЕТЕРИНАРЕН ИНСПЕКТОР млекото може да го оцени млекото како УСЛОВНО УПОТРЕБЛИВО за исхрана на луѓето. Во принцип условно употребливо е она млеко кое е добиено од животни кои со испитување е докажано дека немаат туберкулоза или бруцелоза, а сепак животните се наоѓаат во региони, фарми, стада или области кои се жаришта на некоја болест.Условно употребливото млеко мора термички да се третира и потоа да се испита дали е правилна пастеризацијата на млекото. Тоа се прави со фосфатазен тест на пастеризираното млеко и притоа тестот треба да биде негативен. Ова треба да направи во соработка со официјалниот ветеринар на вашето подрачје. Животните не смеат да покажуваат никакви симптоми на инфективни  болести кои би можеле да се пренесат  преку  млекото на луѓето. Животните не смеат да покажуваат никакви знаци на болест, инфекции на вимето или гениталните органи.  Млеко од животно кое има треска, висока температура, проливи, исцедок од гениталните органи или воспалено отечено виме не смее да се користи за исхрана на луѓето. Животното не смее да имаа никакви рани на вимето кои би влијаеле врз исправноста на млекото. За докажување исправност на млекото е Молзниот Картон. Тој е доказ дека се исполнети посебните услови за производство на сурово млеко наменето за исхрана на луѓето. МОЛЗЕН КАРТОН се издава од официјалниот ветеринар надлежен за Вашето подрачје.

Во случај кога има потреба животното да се лечи секогаш треба да се користат само оние препарати кои се дозволени (одобрени) од Управата за Ветеринарство. Списокот на ветеринарно медицински препарати може да го најдете на веб страната на Управата за Ветеринарство или во Сл. Весник на Република Македонија.  За тоа информирајте се кај Вашиот ветеринарен лекар или официјален ветеринар.Во периодот додека животното се третира со некој препарат и во периодот на  каренца млекото не смее да се користи за исхрана. Во тоа млеко се  наоѓаат остатоците од препаратот што бил употребен и секако дека е штетен за здравјето на луѓето.Каренца е период во кој применетиот медицински препарат се излачува во млекото, односно времето додека животното се лечи и извесен период после тоа.

Ако испорачате млеко со антибиотици добивате привремена забрана за испорака на млеко.Скоро секоја млекара ги контролира остатоците или резидуите од антибиотици во млекото, така што целото млеко ќе Ви биде вратено, односно нема да биде откупено.

Секое болно животно или пак ако се сомневаме дека е болно треба веднаш да го изолираме од другите здрави животни. Болните животни се молзат последни, а измолзеното млеко не смее да се користи за исхрана и треба нештетно треба да се одстрани.

После молзењето млекото треба веднаш да се префрли во друга чиста просторија и притоа секогаш треба да се внимава да не дојде до негово загадување. Во шталата секогаш се одбегнува било какво претурање на млекото од еден сад во друг. Опремата за молзење може да се чува во истата просторија каде се чува суровото млеко или пак треба да има друга посебна просторија. Оваа просторија мора да ги исполнува сите хигиенско-технички барања:

  • треба да биде поврзана со водовод (од градски водовод или бунарска вода која ги исполнува здравствено хигиенските барања) потоа со одвод и струја.
  • треба да е осветлена, а светилките заштитени со пластичен поклопец, за да се спречи паѓање на стакло во млекото.
  • Подот и ѕидовите мора да бидат направени (или обложени) од материјал кој лесно се чисти со вода и детергент.
  • треба да има вентилација или прозори заштитени од инсекти, глувци и др.
  • да е соодветно одвоена од просториите каде се сместени животните

Ако млекото се чува подолго од два часа после молзењето треба ЛАКТОФРИЗЕР (со термометар). Ако млекото се носи во собирен центар или млекара за време не подолго од 2 часа од молзењето треба сад (или повеќе садови) за прифаќање на млекото. Исто така опрема која е потребна во просторијата за складирање на млекото е:

  • Филтри или цедила, а може и иноксна рамка со сито за полесно процедување на млекото
  • Бојлер
  • Лавабо со течен детергент, дезинфициенс и крпа
  • Млеководи и црева ако млекото се пренесува со пумпа и др.
  • Цревото за миење на подот и др. црева по употреба треба да се измијат и да се закачат на соодветно постолје на ѕидот.

Просторијата во која стои лактофризерот не смее да има друга намена. Ако во истата просторија се чува апаратот за молзење, тогаш чистата опрема за молзење соодветно се поставува на другиот дел од просторијата. Површината на опремата која доаѓа во контакт со млекото треба да се од мазен, отпорен, не токсичен материјал кој лесно се чисти и дезинфицира. Опремата што се употребува треба да биде изработена од цврст материјал, непорозен, неапсорбирачки, безмирисен и отпорен на корозија, кој не смее да стапува во реакција со која и да било состојка на производот, со соединенијатата кои се користат за миење и дезинфекција или со средството за одржување на опремата.Заптивните материјали на опремата, гумените делови треба да бидат непорозни неадсорптивни, безмирисни, неотровни и отпорни на сите состојки во  млекото како и на средствата  за миење и дезинфекција. Гумените делови треба редовно да се заменуваат според препораките од производителот. Секогаш кога ќе се видат пукнатини или други оштетувања на опремата истата треба да се замени со нова. Опремата за молзење мора да биде направена од соодветен материјал и мора секогаш да биде чиста и редовно да се одржува. Материјалот од кој се изработени млекарските канти или ведра кои се користат при молзење, потоа кантите за чување и транспорт на млекото и други  садови кои се користат треба да се изработени од инокс (најдобро е инокс со ознака N 304) или прехранбена пластика. Садовите за молзење не смеат да се користат за друга намена. Опремата секогаш треба да биде чиста и да се одржуваат во добра состојба. Секоја опрема која на површината што доаѓа во непосреден допир со млекото има нерамнини, пукнатини, внатрешни навои, глави од клинци и наслаги од каменец не смее да се користи. Вдлабнатините, отворените споеви. скриените агли или какви и да било други оштетувања се лежиште за микроорганизми. Сите заварени места треба да се рамни, мазни и во иста рамнина со околната површина. Не смеат да се користат дрвени и емајлирани садови за молзење. После секое користење на опремата таа треба веднаш да се измие. За чистење и дезинфекција се користи исклучиво одобрени средства за млекарска индустрија. (не смее да се пере со сјај или др. средства за садови кои се користат во домаќинствата). Средствата за одржување на хигиена (четки и останати хемикалии се чуваат во посебен плакар исклучиво наменет за таа употреба).Основниот циклус на чистење и перење на секоја опрема ги опфаќа следните фази:

  • Припрема/механичко чистење
  • Предперење (плакнење со вода)
  • Перење со детергент (растворот да биде врел 850С)
  • Плакнење
  • Дезинфекција
  • Крајно плакнење
  • Сушење

Канти се плакнат со млака  вода (до 35 оС). Ова плакнење се врши се додека заостанатото млеко на ѕидовите на садот не се отстранат. Никогаш првото плакнење не се прави со топла вода затоа што се создава тенок и невидлив за голо око слој oд млеко кој се залепува за ѕидовите на садовите. Потоа се перат со топла вода (80 – 85 оС) во која е додаден детергент, и се четкаат со помош на четки. Може да се користат различни типови четки, а најважно е да не се премногу груби, редовно да се мијат и дезинфицираат по употребата и редовно да се менуваат. Сунѓер не смее да се користи, зашто тој претставува легло и извор на микроорганизми. Потребно е да се врши и дезинфекција на  млекарските канти со хемиски препарати, но ако се користат дезинфициенси кои оставаат резидуи  обавезно треба добро промијат со жешка и ладна вода. Најдобро е дезинфекција да се врши со стабилизиран водороден пероксид или други дезинфициенси кои немаат резидуи. На тој начин измиените и стерилизирани канти се превртуваат и оставаат да се сушат. Пред употреба може да се исплакнат со чиста вода.

При линиско машинско молзење (затворен систем), внатрешноста на цревата и млеководите на опремата траба да се чистат на следниов начин:

  • предмиење со млака вода,
  • топло миење со растворено базно или кисело сретство (80 – 85 оС),
  • плакнење,
  • дезинфицирање и на крај
  • финално ладно плакнење.

При тоа секогаш треба да се следат упатствата од добавувачите  на опремата и сретствата за перење. Надворешните површини на опремата за молзење треба да се чистат со топол раствор на дезинфициенс.

За да се постигнат задоволувачки резултати при перењето мора да се земат во обзир сите потребни операции:

  • Концентрација на растворениот детергент (според препорака од добавувачот)
  • Температура на растворениот детергент (80-850С)
  • Механички ефект (употреба на четки, или други механички ефекти)
  • Времетраење на перењето (за да делува средството за перење или дезинфекција потребно е одредено време).

Молзењето мора да се изведува хигиенски, а тоа значи:  дека мора да се обезбеди, следното:

  • пред да започне молзењето, БОСКИТЕ, ВИМЕТО И ОКОЛНИТЕ ДЕЛОВИ МОРА ДА СЕ ЧИСТИ;
  • пред самото молзење молзачот мора од секое животно ОРГАНОЛЕПТИЧКИ ДА ГО ПРЕГЛЕДА МЛЕКОТО и да види дали има некои промени (абнормалности). Ова може да се спроведе и со друга опрема (кондуктометар и др анализатори кои се поставуваат во системите за молзење). Млекото што покажува било какви абнормалности не смее да се употребува за исхрана на луѓе.
  • Ако животното покажува некои КЛИНИЧКИ ЗНАЦИ (знаци на заболеност, треска, температура, диареа и др) молзачот е должен ЖИВОТНОТО ДА ГО ИЗОЛИРА, а измолзеното млеко не смее да се користи за  исхрана на луѓе.  Ваквото млеко може да се користи само во согласност со добиените упатства од ветеринарен лекар;
  • Молзачот е должен да ги ИДЕНТИФИКУВА И ОДВОИ СИТЕ ЖИВОТНИ КОИ ПОДЛЕЖЕЛЕ НА МЕДИЦИНСКИ ТРЕТМАН. Сите третирани животни се молзат одделно, а млекото не се користи за исхрана на луѓето. Ова трае се до пропишаниот период на каренца од страна на ветеринарнио лекар. Таквото млеко содржи резидуи од антибиотици или други препарати.
  • средствата за кои се користат за миење на боските или спрејови мора да се одобрени за употреба од страна на Управа за Ветеринарство.

Млекото веднаш по молзењето, треба да се чува на чисто место дизајнирано и опремено за да се избегне загадување – контаминација. Тоа треба да се чува во посебна чиста  просторија). АКО МЛЕКОТО СЕ СОБИРА СЕКОЈДНЕВНО ТОГАШ ТОА МОРА ВЕДНАШ ДА СЕ ИЗЛАДИ НА ТЕМПЕРАТУРА НЕ ПОВИСОКА ОД  8°C, АКО  МЛЕКОТО НЕ СЕ СОБИРА СЕКОЈДНЕВНО ТОГАШ СЕ ЛАДИ НА ТЕМПЕРАТУРА НЕ ПОВИСОКА ОД  6°C , МЛЕКОТО КОЕ ЗА ДВА ЧАСА СЕ НОСИ ДО ОТКУПЕН ЦЕНТАР ИЛИ ПРЕРАБОТУВЧКИ ПОГОН НЕ МОРА ДА СЕ ЛАДИ. За време на молзењето и при собирање на млекото, мора да се обезбеди заштита од надворешна контаминација и од временските услови. Во близина на молзењето треба да се постави лавабо со топла вода, течен сапун, дезинфициенс и крпи за хигиена на рацете. Молзачот секогаш пред молзењето треба да носи чиста облека и добро да ги измие рацете.  Особено треба да се обрне внимание на ноктите кои треба да се потсечени и чисти зашто може да го повредат вимето. Секоја мала гребнатина или повреда на вимето претставува потенцијална опасност за предизикување негово воспаление. Во случај кога молзачот има посекотини или ранички на рацете, повредите треба да се покриени со водоотпорен фластер. При рачно молзење, рацете по никоја цена не смеат да се потопуваат во млекото, зашто на овој начин се внесуваат сите микроорганизми од рацете и од под ноктите во млекото. Молзењето може да се врши рачно или машински, а во зависност од начинот на одгледување на животните (врзан или слободен) молзење може да се врши во самите лежишта или во измолзилште. Измолзеното млеко во канти или со млековод се изнесува надвор од шталата во посебна просторија (прирачна млекара). Најдобро е молзењето да се врши во измолзилишта, чија големина зависи од бројот на кравите.Најважно е правилно и пријателско однесување со кравата пред и за време на молзењето. За време на молзењето во шталата мора да се одржува ред и мир. Молзењето треба да се прави пред или после  хранењето на кравите. Ако молзењето се спроведува после хранењето тогаш мора да се воведе следниот редослед на работите во шталата:

  • најпрво шталата треба да се исчисти
  • потоа да се даде квалитетна кабаста храна
  • потоа концентрат
  • на крај шталата добро да се проветри
  • За време на чистењето не смее да се вика и создава бука.
  • Забрането е животните да се тепаат. Со тепањето и грубото однесување спрема животните доаѓа до лачењето на адреналин, кој ги стеснува крвните садови, а со тоа оневозможува лачење на окситоцин и целосно излачување на млекото од млечната жлезда. Уплашените крави даваат значително помалку млеко па се често се вели го ’стегна млекото‘
  • Со молзните животни треба да однесуваме пријателски, нежно и на тој начин ќе добиеме многу повеќе млеко, а животните ќе бидат поздрави и ќе има помалку маститис.

За време на молзење НЕ СМЕЕ да се:

  • чисти шталата
  • носи и растресува сува кабаста храна (сено) и слама по шталата
  • вика и да се тепаат кравите
  • пали трактор или други машини кои создаваат врева и ги вознемируваат кравите
  • дозволи влегување на други животни или лаење на куче, потоа трчање на деца или влез на други непознати лица во шталата

Во текот на молзењето во шталата треба да има што помалку прашина  и микрооганизми. При машинско молзење  мораме да имаме исправен систем за молзење (правилен вакуум и пулсации) кој мора да биде темелно измиен и дезинфициран. Ако молзењето се врши во измолзилиште истото веднаш по молзењето треба добро да се измие и дезинфицира. ЗА ВРЕМЕ НА МОЛЗЕЊТО И ПРИ СОБИРАЊЕ НА МЛЕКОТО ТРЕБА ДА СЕ ОБЕЗБЕДИ ЗАШТИТА ОД НАДВОРЕШНА КОНТАМИНАЦИЈА И ОД ВРЕМЕНСКИТЕ УСЛОВИ.

ПРОЦЕДУРАТА НА МОЛЗЕЊЕТО на кравите во штала (врзан систем) треба да се врши на следниот начин:

  • Имобилизација – пожелно е врзување на опашката
  • Молзачот треба рацете да ги измие со сапун или друг соодветен детергент, а потоа да ги дезинфицира. (корисно е рацете да се намачкаат со заштитна крема за раце)
  • Првите млазеви млеко се измолзуваат во посебно лонче со темна цедилка или со темно дно (посебен сад за преглед на млекото), за да се утврди дали постојат одредени промени на млекото (контрола на маститис). Ова молзење ја стимулира кравата, и предизвикува лачење на окситоцин во мозокот, а со тоа и испуштање на млекото за околу една минута. Измолзеното млеко по завршеното молзење на сите крави треба нештетно да се одстрани  надвор од шталата!!!)
  • Валканите вимиња треба да се измијат со млака вода (температура на водата не повисока од 50 0С) во која има додадено дезинфициенс за виме. Потоа уште подобро е ако со друга крпа или со влажно марамче  со дезинфициенс се избрише само боската. Ако вимето не е валкано најдобро е само боските да се избришат со влажно марамче натопено со дезинфициенс или се врши натопување на боската со специјално средство за дезинфекција.
  • Ако вимето не е извалкано со балега може да се исчисти и дезинфицира со запенување (нов начин). Боските се запенуваат и се чека околу 15 до 30 сек. за да делува активната пена, а потоа темелно се брише со хартиени марамчиња за виме. Бришењето може да се врши и со чиста крпа но се препорачува посебна крпа за секое виме, така да подобро е користење на хартиени марамчиња. Најважно е делот од боската кој влегува во чашките од машината за молзење да бидат чисти и суви.
  • Боските и вимето треба полека и темелно да се избришат со што се врши и масирање на вимето (ова трае околу 1 мин).
  • Ефективноста на чистењето на боската може да се провери ако после завршениот процес на миење и дезинфекција се земе влажно марамче и добро се избрише само долниот дел на боската.
  • Молзењето (било рачно или машински) треба да заврши за 5-8 минути и тоа без прекини. При поставување на единицата за молзење треба да се внимава на соодветно ставање на молзните чашки и да не се дозволи навлегување на воздух.
  • Кога чашките се добро поставени не треба да се слуша навлегување на воздух. Ако чашките не се добро поставени се слуша воздухот како влегува внатре во системот. Тоа може да предизвика враќање на млекото од чашката во вимето, а со тоа ако во околината има бактерии, настанува инфекција на вимето.
  • Млекото мора да протече веднаш по поставувње на единиците за молзење!!! Внимавај на премолзување (молзење на празно) односно забележи дали млекото ќе протече веднаш по поставување на единицата за молзење.

При рачното молзење најдобри резултати се постигнуваат ако тоа се прави со ритмички доволно јаки стискања на боската со цела дланка. Притоа молзачот не смее рацете да ги наслонува на вимето или пак со главата да се потпира на телото на кравата. Првите млазеви се молзат во посебен сад, и никако на подот или на раката на молзачот (истото важи и за машинското молзење) Други ГРЕШКИ при рачно молзење се:

  • Молзење со свиткан палец
  • Молзење со истегнување на боската со два прста

Суровото млекото може да се транспортира во специјални цистерни, контејнери или садови (млекарски канти и др). Во цистерните, контејнерите или средствата за транспорт во кои се превезува млеко не смее да превезуваат други материи. Транспортните средства и контејнерите за млеко и млечни производи мора да ги исполнуваат следниве услови:

  • нивната внатрешна површина мора да биде изработена од материјал кој може лесно да се чисти, мие и дезинфицира;
  • подот на транспортното возило на кое се поставени цистерни за транспорт на млеко мора да е со мазна и водоотпорна површина и лесно да се чисти.
  • мора да се конструирани така за да се избегне контаминација и мешање на мириси, и мораат да поседуваат и системи за вентилација;
  • да бидат заштитени од неповолни атмосферски услови и прав;

Во случај да се потребни посебни средства за транспорт (при подолг транспорт) освен досега наведените барања цистерните мора да поседуваат уред за ладење, дополнителен извор за ладење, како и  направа за регулирање на температурата во транспортните средства се со цел температурата на пратката да се одржува константна за време на утоварот и транспортот. Цистерните за транспорт на млекото мора термички да се изолирани и лесно да се чистат и дезинфицира. При транспортот млекото мора да се одржува на ниска температура, и притоа во млекарата (или во објектите со крајна дестинација) ПРАТКАТА НЕ СМЕЕ  ДА ПРИСТИГНЕ СО ТЕМПЕРАТУРА ПОВИСОКА ОД 10 °C.

КРИТЕРИУМИ ЗА СУРОВО МЛЕКО

Кај кравјо млеко:

  • Број на колонии на 30 °C (на ml) –  100 000
  • Број на соматски клетки (на ml)  –  400 000

Кај овчко и козјо млеко:

  • Број на колонии на 30 °C (на ml) – 1 500 000

Суровото млеко кое се дава на откуп НЕ СМЕЕ ДА СОДРЖИ РЕЗИДУИ ОД АНТИБИОТИЦИ Или Вкупното количество на антибиотици во суровото млеко не смее да ја надмине максимално дозволената вредност. Доколку не се исполнат овие критериуми секој производител на сурово млеко треба да превземе соодветни корективни мерки за да ги задоволи бараните критеиуми и операторот треба да го извести државниот официјалниот ветеринар. Земање на проби и испитувањата на  млекото може  да се изведува од страна на, или во име на :

  • оператори кои произведуваат млеко;
  • оператори кои собираат или преработуваат млеко;
  • група на оператори ;
  • во контроли според одредени шеми
  • според некое законско барање

Се земаат репрезентативен број на мостри со сурово млеко од секое одгледувалиште кое произведува млеко.Пробите се земаат по случаен избор. Фармерот има право една запечатена проба да зачува кај себе за супер анализа. Добиените резултати од млекото се проверуваат дали се во согласност со критеримите за сурово млеко дадени во Правилникот. Сите млекари мора да ги почитуваат наведените критериуми за сурово млеко.  Ако суровото млеко не е во согласност со дадените критериуми, млекото не смее да се откупува. Доколку суровото млеко не е во согласност со критериумите млекарата преку својата служба за откуп на млеко превзема корективни акции и тоа најпрво го стопира откупот на млеко од таа фарма, потоа го информира фармерот за проблемот и во зависност од ситуациите се превземаат низа активности за да се корегираат настанатите недостатоци. При секое констатирање на неусогласеност со критериумите млекарите се должни да го известат официјалниот ветеринар.

Покрај општите барања за безбедност на храната (почитување на барањата од Законот за безбедност… ), треба да ги исполнат и следниве услови кои се дадени во Правилникот и тоа:

  • критериумите за сурово млеко
  • општите и посебните услови за хигиената на производството
  • внатрешен систем на контрола на критични точки (HACCP)
  • температурен режим

Операторите со храна кои произведуваат млечни производи треба да воведат процедури со кои се гарантира дека млекото кое се користи за производство ги исполнува условите дадени во правилникот.Тоа значи дека операторите не смеат да откупуваат:

  • сурово млеко со поголем број на микроорганизми и соматски клетки од оној што е даден во правилникот и
  • сурово млеко со резидуи од антибиотици

Просториите во кои се складира и преработува млекото, како и садовите и опремата што доаѓаат во контакт со млекото и млечните производи во текот на добивањето, преработката и транспорт, мораат да ги исполнуваат соодветните барања за хигиена на производство. Секој оператор со храна кои преработуваат млеко и произведуваат млечни произоди треба да воведат систем за процена на ризиците на критичните контролни точки и процедури  со кои се гарантира дека млекото и млечните производи ги исполнуваат условите дадени во Правилникот. Тоа значи дека треба да воведе систем за Добра производна практика и HACCP системот.

 

 

Петар Трајковски Советник во АПРЗ