Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Собранието го помина во прво читање законот за заштита од тутун и нови никотински производи

Министерот за здравство Азир Алиу истакнува дека со ова законско решение државата прави значаен чекор кон посилна заштита на јавното здравје, особено кај децата, младите, непушачите и сите граѓани кои имаат право на безбеден јавен простор.

Во Собранието на Република Македонија вчера во прво читање помина Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, со што започнува нова законска фаза во уредувањето на оваа област.

Министерот за здравство Азир Алиу истакнува дека со ова законско решение државата прави значаен чекор кон посилна заштита на јавното здравје, особено кај децата, младите, непушачите и сите граѓани кои имаат право на безбеден јавен простор.

Тој појаснува дека законот ја следи современата реалност, во која покрај класичните цигари сè повеќе се користат електронски цигари, загреани тутунски производи и други нови никотински производи кои бараат јасна и ажурирана регулатива.

Според официјалните податоци, тутунот е поврзан со над 3.600 смртни случаи годишно, додека економските штети се проценуваат на над 600 милиони евра. Загрижувачки се и податоците кои покажуваат дека 13,6% од младите на возраст од 13 до 15 години користат тутунски или никотински производи, 57% од учениците се изложени на пасивно пушење во затворени простории, а 73% од младите пушачи наведуваат дека не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст.

Министерот нагласува дека новиот закон има за цел да воведе појасни правила за користење на тераси, посилна заштита во здравствени, образовни и детски установи, ограничувања за пушење во присуство на деца, како и целосна забрана за рекламирање и промоција на тутунски и никотински производи, вклучително и преку онлајн платформи и социјални мрежи.

„Здравјето нема цена и нема алтернатива“, истакнува министерот Алиу.

Тој додава дека предлог-законот е резултат на интензивен и инклузивен процес на консултации со сите засегнати страни. Во рамки на подготовката биле одржани седум работни состаноци со претставници на тутунската индустрија, пет состаноци со угостителскиот сектор, како и усогласувања со повеќе државни институции и 14 инспекциски и надзорни органи.

Дополнително, преку платформата ЕНЕР биле разгледани 58 коментари од граѓани, трговци и експерти, кои биле вклучени во финалното обликување на законското решение.

Поврзани новости

Back to top button