fbpx
ВестиМеханизацијаТоп вести

Добра механизација за успешно земјоделие

 

 

Изборот на механизација , што кога и како да се набави е еден од условите на кои секој земјоделец треба да обрне  големо внимание,  посочуваат стручните лица. Со соодветна и квалитетна механизација  може да се постигне поголемо и поквалитетно производство.

Митат Исмаиловски од с.Будаково е еден од најголемите земјоделски производители во пелагонискиот регион. Оваа година обработува вклупно 350 ха земјоделска површина. Без соодветна механизација не може да ги реализира своите планови. Свесен за ова тој  ги следи новите трендови и се обидува да си го олесни процесот на производство.

 

„Не само една машина, воопшто,механизацијата за еден земјоделец е многу важна.Машината  се амортизира и си има свој век на траење. Токму затоа  потребно е нејзино обновување“, посочува Исмаиловски за Зелена берза.

Одлуката за тоа каква механизација ќе набави ја носи самиот земјоделец, врз основа на направените анализи за остварените приходи и направените  трошоци  во текот на процесот на производство.

 

„Секој земјоделец е бизнисмен кој сака совесно работење и ги следи трошоците, приносите и приходите .  Границите на профитите  се тенки, се обработуваат големи површини и  влогот е голем. Во ваква ситуација во одредена операција од работењето не смее да се ризикува, дали ќе биде или нема да биде. Мора да ги користиме  сите современи  агротехнички мерки за на крајот да има добра позитива“, изјави за Зелена берза Оливер Лазаревски вработен во Синпекс Битола.

Семејната механизација на Митат Исмаиловски е побогата за уште една машина, ваљак за набивање на земја. Машината ја набави со цел подготвен да ја почне есенската сеидба на пченицата. Вели дека има модерна сеалка, а со употребата на  ваљак  ќе се овозможи подобра  ‘ртливост на пченицата.

 

„Машината ваљак за набивање земја се користи после сеидбата со што се врши операција на паковање на зрното, односно истиснување на воздухот  и давање на оптимални услови на секое зрно за правилен развој на семето“, објаснува Лазаревски.

Годинава кај Митат најмногу е застапена пченицата, вкупно на 250 ха површина. Вели дека му е неопходна механизација за да може да ја обработи земјата , а и да добие добар принос. Оваа сезона задоволен е од приносите кои во просек се 5,5 т по ха, но воопшто не е задоволен од цената. Смета дека мелничарите тактизираат со цената на пченицата.

 

„Сакаат да ја земат евтино, а така ние ќе пропаднеме  вели Исмаиловски. Не сум задоволен од цената. Имам приноси, ама и „ мастраф“. Се покриваме со субвенциите, но тоа не е доволно. Еден милон килограми   пченица преку Синпекс пласирав  на грчкиот пазар, вели за Зелена берза Исмаиловски.  Македонија нема голем пазар. Има земјоделци и заинтересирани се за работа, но вака како што оди ништо не правиме. Гледам иднина  на пазарите надвор од Македонија“, додава тој.

Покрај пченицата Митат одгледува 100 ха со сончоглед. Годинава беше врнежлива што овозможи сончогледот да има добар квалитет и очекува добри приноси и од оваа култура.

 

Покрај житните култури Митат одгледува и тутун на 6 ха површина. Овде се соочува со друг проблем, со кој се соочуваат сите земјоделци  што имаат големи површини за обработување, а тоа е немањето работна сила. Тешко се наоѓаат работници за тутун. Во работата вклучени се сите членови на семејството но тешко се излегува на крај вели Митат Исмаиловски,земјоделец  од с. Будаково.

 

Павлина Јовановска

Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close