Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Серафимовски: Институциите подготвени за навремен почеток и инспекциски надзор на откупот на тутунот

„Тутунот е стратешка култура за македонското земјоделство, а неговиот откуп е еден од законски најрегулираните процеси. За оваа реколта очекуваме просечната откупна цена да надмине 420 денари за килограм“, истакна министерот Серафимовски.

Институциите се подготвени за навремен почеток на откупот на тутунот од овогодишната реколта и за инспекциски надзор на постапката, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски на денешната средба со откупувачите, преработувачите и Сојузот на тутунски здруженија, која се одржа во Тутунскиот комбинат во Прилеп.
„Тутунот е стратешка култура за македонското земјоделство, а неговиот откуп е еден од законски најрегулираните процеси. За оваа реколта очекуваме просечната откупна цена да надмине 420 денари за килограм“, истакна министерот Серафимовски.
Откупувачите потврдија дека се подготвени непречено да го започнат откупот на родот, кој се проценува на 26 до 27 милиони килограми, а министерот Серафимовски најави дека тутунарите, покрај приходот од продажбата, може да очекуваат и државна поддршка од 80 денари по килограм за прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за трета класа.
„Државниот инспекторат за земјоделство е подготвен со инспекциски надзор да ги опфати сите 317 откупни пунктови на десетте регистрирани компании-откупувачи на тутун “, порача на средбата директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски.

Поврзани новости

Back to top button