fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Додека не го смениме начинот на загревање, нема да имаме долгорочно решение за загадувањето

Сепак, верувам дека на сите ни е јасно дека додека не го смениме начинот на загревање на јавните и приватните згради и домови, што се надеваме дека ќе го постигнеме со изградбата на гасоводната мрежа и поддршката на инвестициите во енергетска ефикасност дадена од страна на централната и локалната власт, нема да имаме долгорочно решение на овој проблем, нагласи во интервјуто за МИА министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Усвоени се 63 политики и мерки што треба да ги исполниме за остварување на амбицијата во однос на Парискиот договор. Во однос на аерозагадувањето, го усвоивме дополнетиот закон за квалитет на амбиентниот воздух при што дефиниравме мерки за локалната самоуправа, кои треба да ги преземе во случаи на пикови на загадувањето. Сепак, верувам дека на сите ни е јасно дека додека не го смениме начинот на загревање на јавните и приватните згради и домови, што се надеваме дека ќе го постигнеме со изградбата на гасоводната мрежа и поддршката на инвестициите во енергетска ефикасност дадена од страна на централната и локалната власт, нема да имаме долгорочно решение на овој проблем, нагласи во интервјуто за МИА министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Со него зборуваме за препораките од Европската комисија, големите чекори што ги презема Министерството за животна средина и просторно планирање во текот на изминатата година со цел зачувување на животната средина, за дел од идните предизвици, како и за средствата што се наменети за решавање на проблемите во таа област, при што министерот истакна дека управувањето на животната средина, енергетската транзиција кон обновливи извори на енергија, гасификацијата и ред други активности со кои долгорочно влијаеме на зачувување на животната средина бараат големи инвестиции, а Министерството и Владата се трудат да ги обезбедат.

Што, според вас, ја обележи 2021 година во однос на мерките што Министерството за животна средина и просторно планирање ги презеде за унапредување на оваа сфера?

– Пред сè, од исклучителна важност се интервенциите во девет закони од областа на животната средина заради зголемување на глобите за загадувачите до дваесет пати. Меѓутоа, покрај тоа се работеше и на измени во материјалните одредби, и тоа конкретно во Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, со што се утврдија критериуми и се предвиде список на општини што ќе треба да подготват планови за чист воздух за своите граѓани. Предложени беа и измени во Законот за животна средина, конкретно се регулираше механизмот за санирање на историското загадување и жариштата во државата. Со овој закон ја дефиниравме методологијата за идентификација на контаминирани подрачја, со конкретни обврски за рехабилитација и дефинирана содржина на планот со која ќе се спроведе оваа санација во согласност со светските стандарди. Од целокупното законодавство овој закон е единствениот што сè уште е во собраниска процедура. Крајот на годинава го одбележавме со усвојување на предлогот на Законот за инспекциски надзор во животната средина во Владата, кој многу скоро треба да влезе во собраниска постапка.

Од друга страна, веќе се стапени во сила шесте нови закони за отпад, ориентирани (засновани) во принципите на циркуларната економија и спречување отпад, приоретизирајќи повторна употреба, рециклирање и преработка, како и Националниот план за управување со отпад 2021-2031.

Особено сакам да го истакнам напредокот што го постигнавме во областа природа. Со работата на валоризација на природните вредности и заштита на биолошката разновидност, преку прогласување природни заштитени подрачја, го зголемивме процентот на заштитени подрачја од 8,9 на 13,8 проценти. За прв пат прогласивме нов национален парк, НП Шар Планина, од прогласувањето на независноста и од една страна го заштитивме ова исклучително важно природно подрачје, но и ги поставивме основите за сосема нова перспектива за одржлив развој на подрачјето. Во оваа 2021 година прогласивме три заштитени подрачја во категоријата V – заштитен предел: Осоговските Планини, Водно, и од неодамна и Малешево. Изработен е Предлог-закон за прогласување на Студенчишко Блато за споменик на природата и тоа во моментов е под привремена заштита, успешно е завршена номинацијата на Охридското Езеро и Студенчишко Блато во листата на Рамсарската конвенција, а во тек се подготвителни активности за изработка на нов закон за природата, кој е усогласен со компонентата НАТУРА 2000 од законодавството на ЕУ.

Во делот на клима донесовме прва Долгорочна стратегија за климатска акција во Република Северна Македонија со акционен план, а поднесовме и ревидиран национално определен придонес кон Договорот од Париз, со кој ние како држава се обврзавме на 51 процент намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година. Во изработка е и Законот за климатска акција, со чија консултација планираме да ја започнеме следната година.https://nezavisen.mk/nuredini-dodeka-ne-go-smenime-nachinot-na-zagrevanje-nema-da-imame-dolgorochno-reshenie-za-zagaduvanjeto/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close