fbpx
ВестиРурален туризамРурална ЖенаТоп вести

Овошната приказна за „Духот на Преспа“

Ако некој сака да  го почувствува духот на Преспа, природата, животот на луѓето и сите оние убавини  кои овој регион го прават посебен,   треба да ја посети отворената фарма во Царев Двор насловена  Spirit of Prespa

Царев Двор – Веќе две години успешно функционира  фармата од отворен тип која се простира на површина од 5 ха. Радува фактот што со овој овошен  посед раководи петтата генерација на семејството Прцуловски. Сега со нова идеја за развој на агро – туризам и претставува одличен спој на  старото со модерното. Во рамки на проектот „Од рурална жена до успешен претприемач, без сетреотипи и дискриминација“ Зелена берза беше во посета на оваа фарма со цел успешната приказна  да стигне  до што поголем број земјоделци кои би можеле по овој пример да направат диверзификација на своето земјоделско производство и да му донесе поголем профит. Таму не пречека сопственичката Виолета Прцуловска која ја води оваа фарма заедно со своите две ќерки и зетовите.

-Горда сум на ќерките за идејата што ни ја дадоа. До сега со  нивниот татко овие овошни  ги  работевме како сите  други во Преспа. Произведувавме јаболка и ги продававме на трговците. 60 години овде се произведуваа јаболка на традиционален начин. Ја прифативме идејата да воведеме нови услуги и да станеме пионери на нов вид на туризам, агротуризам. Фармата ја посетуваат најчесто  странски туристи и имаат можност на лице место да видат како се произведуваат јаболка , да се запознаат со сите постапки околу одгледувањето, доколку сакаат и самите да се вклучат во некои активности, а после тоа и да вкусат традиционални јадења од овие простори, вели за Зелена берза Виолета Прцуловска.

На почетокот имало многу неверување и скептицизам од самото опкружување, за сега по само две години   се јавуваат заинтересирани Преспанчани кои сакаат да се занимаваат со агротуризам.

Фармата  Spirit of Prespa  е вистинска атракција за туристите

Личната иницијатива на една од ќерките  Ана Лабор фармата да добие одржлив развој  кој од една страна ќе им донесе профит, а од друга страна на посетителите ќе им овозможат незаборавен престој во природа опкружени со разно овошје и можност за дегустација на традиционална  здрава храна вродува плод и веќе ги пишува страниците на успешна приказна.

-Идејата  од зетот кој е по потекло од Шкотска , само ја адаптиравме  на нашите простори. Имаше неверување, но сакавме да ја реализираме . Нашите многу немаат верба во агротуризмот. Тука на околината им беше несфатливо дури и  смешно. Бевме исмевани, а сега кога ќе не сретнат велат, ајде и нас вклучете не, вели Елена Ивановски  ќерка на Виолета. Овде на овошните насади имаме едно парче земја кое јас го викам рајска градина. Има буквално од сите овошја: сливи, круши, цреши, лешници,  дури и оние заборавени, автохтони сорти како што се оскоруша и рогач. Кога идат туристи на фармата им организираме активности со кои ќе може да го почувствуваат животот на овие простори. Ќе може на пример да берат јаболка, цреши  или сливи во зависност од сезоната, се разбира и да ги вкусат.

На фармата секој си ја знае својата задача. Ана Лабор е задолжена за туристите кои овде доаѓаат по претходен договор со туристичка агенција. Во зависност од сезоната, и возраста на посетителите како  и од нивните желби што сакаат да видат и работат на фармата, се организираат различни активности. Сè им е добро осмислено, дури и за најмладите посетители организирајќи им разни игри преку кои ги запознаваат со работата на фарма. За некои посетители ова е вистинска атракција бидејќи ги има и оние што никогаш не виделе како растат јаболка. За традиционалната храна е задолжена Виолета која е и претседател на Здружение на жени Рурална жена од Преспа, чии членки помагаат околу подготвувањето на храната кога има поголема група туристи. Целата храна се подготвува на фармата со намирници кои се одгледуваат во градината.

–Со цел да им  излеземе во пресрет на гостите имаме три менија за храна, кои гостите претходно ги одбираат. Првото е мени за добредојде во кое ги служиме со кафе или чај и штрудла со јаболка или друго овошје што го имаме во моментот. Се дегустира сокче, ракија од цреши и јаболка , ликерчиња и други производи кои се направени со производи од фармата. Во второто мени е застапено Ѓомлезето, најпрочуениот традиционален специјалитет од Преспа  кој се служи со кравско сирење и маштеница која ја земаме од соседните фарми. Во третото мени застапена е рибата, преспански крап или циронки, пинџур и други специјалитети кои се направени од градината што сама ја работам, објаснува Виолета. Се заработува , да не се лажеме и мислам дека со оваа додатна дејност им посветуваме повеќе внимание на овошките. Овошните  насади мора да бидат средени, измулчирани, наводнети за сето тоа убаво да изглда, додава таа. За таа цел располагаме со сета онаа механизација  која ни е потребна за да ги завршиме сите потребни активности навреме и квалитетно, додава таа.

Сите овие активности направиле и зголемување на количините на произведено  јаболко. Оваа година произвеле 155 тони јаболко што е за 20т повеќе од минатата  година и многу повеќе од претходно кога едвај стигнувале до 100т.

-Сето ова е бизнис. Како и сите овоштари во Преспа и ние ги имаме проблемите со откупните цени, но не смееме да чекаме секогаш на државата. Мора да се работи. Лани имаше хиперпродукција и голем дел го продадовме по многу ниски цени. Но подобро така отколку да ги фрлевме, посочува Прцуловска.

Како и во секој бизнис  и овде има ризик, но тоа не значи дека треба да се престане со работа. Напротив потребно е да се бараат решенија на сите проблеми и следење на состојбите со овошјето  во државите кои имаат големо влијание во овој бизнис.

Потребно е да помине уште една генерација за да се срушат сите стереотипи

Како што велат домаќините  за да се почне со  Spirit of Prespa  не им била потребна голема инвестиција. Само правилно биле искористени ресурсите со кои располагаат.

-Младите чуда знаат да направат само да им се даде слобода да се искажат и да им се даде шанса, порачува Виолета.

Професионализмот во работата и едукацијата се само пат до успехот. Делењето на машки и женски работи не важи во оваа фарма . Секој може да направи се што сака само треба да има желба.

-Нема машка  и женска работа, кога има работа сите работиме. Нас така не воспитаа. Сега се други времиња и треба сите да се сменат и да гледаат пошироко. Во Ресен се случуваат некои промени но не се доволни. Уште постојат оние машки стереотипи кои се длабоко вкоренети и ќе мора да помине уште една генерација за сето тоа да се искорени, вели Елена Ивановски.

Правилното воспитување на денешните млади генерации е основата за искоренување на сите стереотипи во живеењето. Упорноста, едуцирањето и проширувањето на видиците само ќе го забрзаат тој процес.

Павлина Јовановска

Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close