fbpx
ВестиТоп вести

Додека завршува жетвата на јачменот, се готви цената на пченицата

 

Цената на родот  на сточниот јачмен од реколтата 2019 година на  берзата е еден од реперите за цената на пченицата. Според склучените договори за сточен јачмен од  родот во 2019 година, цената се движи околу 8 ден за килограм без ДДВ, објавува српскиот портал Агромедиа. Врз основа на податоците од светските берзи од минатата недела кај пченицата е забележано е зголемување на цената за 3,99% во Чикаго, додека во Париз цената поскапела за 1,25%.

Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци вели дека позната е цената на јачменот и во зависност од квалитетот се движи 9 ден/кг односно 10 ден/кг за прва класа.

Жетвата на јачменот во Пелагонискиот регион е во полн ек. Во источните региони на земјата таа  е завршена и за многу брзо ќе се почне и со жетва на пченицата. Поради нестабилното и променливо време земјоделците не можеа континуирано да ја извршуваат жетвата. Приносите се движат според очекувањата кои не се многу задоволителни, ако се имаат  предвид  условите во кои се вршеше сеидбата. Сушниот период за време на сеидбата е најголемата причина што приносите не се поголеми. За разлика од тутунот за кој има договорно производство и цената е позната, кај  житните култури состојбата е сосема поинаква. Цената на житните култури зависи од економските показатели на пазарот и состојбите на агроберзата во соседството.

Добрите познавачи на состојбите велат дека во нашата држава се намалуваат површините под јачмен за сметка на сончогледот, пченката, тутунот и градинарските култури.

Намалувањето на сточниот фонд во државата е една од причините за намалување на површините засеани со јачмен. Исто така и цената е дестимулативна. Токму заради тоа производителите сметаат дека цената на јачменот не треба да биде пониска од 12 ден, а додека за пченицата не би требало да биде под 10 ден/кг.

Иако се знае дека цената на пченицата се формира врз основа на берзанските показатели сепак, производителите очекуваат  надлежните да формираат минимална  продажна цена. Во текот на утрешниот ден се очекува да се оствари средба  меѓу производителите и надлежните институции со цел да се утврди минималната продажна цена на пченицата.

П. Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close