Договорот за закуп на земјиште ќе може да се продолжи и сo непосредна спогодба
Земјоделците ќе можат да склучат договор за закуп со непосредна спогодба за период до амортизација на долгогодишните насади. Ова го предвидуваат последните измени и дополнувања на Законот за земјоделско земјиште кои се во владина процедура.
Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое ги предлага овие измени, во текстот на законот се направени измени и дополнувања и тоа во делот на продолжување на договорот за закуп, при што се предлага по истекот на времетраење на договорот за закуп истиот може да се продолжи со непосредна спогодба најмногу за период до пет години, а доколку на закупеното земјоделско земјиште се подигнати долгогодишни насади, договорот се склучува до период на амортизација на долгогодишните насади.
За утврдување на периодот до амортизација се формира комисија составена од пет члена. „Износот на закупнината која закупецот треба да ја плаќа се утврдува согласно член 23 од Законот за земјоделското земјиште. Доколку износот на закупнината во договорот за закуп е повисока од утврдената согласно член 23 од законот, закупецот го плаќа повисокиот износ на закупнина,“ објаснуваат од Министерството.
Истовреме се предлага, започнатите постапки по барањата за склучување на договор со непосредна спогодба да завршат согласно одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште.