Домашни јаболка за ученици во 350 школи
За реализација на Програмата се проектирани 20 милиони денари, средства кои се веќе обезбедени со ребалансот на Буџетот.
Владата на денешната седница ја усвои Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје во 2022 година. Програмата е нова, се носи прв пат и ќе овозможи околу 186 000 ученици во 350 школи за ужина да добиваат домашни, македонски јаболка.
Како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за реализација на Програмата се проектирани 20 милиони денари, средства кои се веќе обезбедени со ребалансот на Буџетот.
-Со Програмата се овозможува поддршка за откуп, дистрибуција и пакување јаболка од реколтата 2022, а целата откупена количина ќе треба да биде дистрибуирана до општинските и државните училишта најдоцна до 15 декември 2022. Со ова ги помагаме производителите на јаболка, но обезбедуваме и свежа и здрава ужина за нашите деца. Македонски, домашни јаболка за нашите деца, подвлече Николовски.
Министерот претходно кажа дека за млекопроизводителите се обезбедени уште 140 милиони денари преку Интервентниот фонд, покрај основните и дополнителните субвенции. Истакна и дека храна ќе има.