fbpx
ВестиТоп вести

Домашните мармалади, џемови, сирења ќе може да се продаваат и од дома   

Пласманот и ниските откупни цени се најголем проблем на земјоделците. Тие постојано смислуваат најразлични начини како да ги продадат своите производи дали како сурови или како преработени. Правилникот за продажба на производи од животинско, кој веќе се имплементира, и за растително потекло, кој треба да се донесе, ќе им овозможи на малите земјоделци да ги продаваат своите производи и од дома

Пласманот на производите и ниските откупни цени се најболна точка на македонските земјоделци. Со оглед на фактот дека производните цени постојано растат, а продажните паѓаат трудот на земјоделците станува сè понеисплатлив. Најголем проблем е што договорното производство не се почитува. Во Законот за земјоделство и рурален развој стои дека мора да се склучуваат договори на почетокот на производната година со јасни дефинирани цени, квалитет, квантитет, начин на исплата на земјоделските производи, но тие договори не се почитуваат. Од друга страна постои нелојална конкуренција, мал број на откупувачи ги диктираат откупните цени, а има и голем број случаи на неисплатени средствата.

За да се подобри ваквата состојба од Националната федерација на фармери – НФФ бараат почитување и имплементација на Законот за земјоделство и рурален развој за договорно производство каде што јасно е дефинирана формата и содржината на договорот за откуп, а времето на склучување да биде на почетокот на годината како што е кај тутунот.

-Исто така, бараме функционирање на пазарниот информативен систем преку кој ќе се следат цените на продажба на мало и големо и врз чија основа се прави проценка на трендот на движење на цените за да може да се интервенира. Потребно е МЗШВ да прави анализа за постоење на навремени и реални податоци за моментални сезонски и годишни очекувања на приноси од постоечко земјоделско производство и посебно градење на стратегија за извоз на земјоделските производи на други пазари со посебен осврт на регионалните пазари, вели за весникот „Вечер„ претседателката на НФФ, Васка Мојсовска.

Според неа, за утврдување на просечна цена на чинење на земјоделските производи неопходна е соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна, Агенцијата за поттикнување и развој и МЗШВ.

-Сметаме дека со воведување на правилници за продажба на мало за производи од растително и животинско потекло преработките од земјоделски производи како што се мармалади, млечни производи, слатко, сирење и сл. земјоделците ќе можат да ги продаваат од своите домови. На тој начин ќе се овозможи економско јакнење на малиот земјоделец. Правилникот за продажба на производи од животинско потекло веќе се имплементира, а се подготвува и правилникот за растително потекло, вели Мојсовска.

Со ваквите измени, ќе се овозможи малите производители кои произведуваат во домашни услови да може да ги пласираат своите производи на пазарите.

извор: вечерпрес.мк

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close