fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Домати, пиперки, краставици-„Оранжерии Хамзали“ има чиста добивка од 2,6 милиони евра, се појави интерес и за акциите

Акцијата на „Оранжерии Хамзали Струмица“ во октомври достигнала просечна цена од 308 денари за акција, што е раст за над 53 отсто во однос на еден месец претходно, и со тоа оваа компанија се вивнува прва на листата на акции кои важат за најголеми добитници.

Компанијата „Оранжерии Хамзали Струмица е најголемиот берзански добитник за месецот што измина, бидејќи нејзината акција има најголем раст на цената, говори најновиот берзански билтен за октомври оваа година.

Акцијата на „Оранжерии Хамзали Струмица“ во октомври достигнала просечна цена од 308 денари за акција, што е раст за над 53 отсто во однос на еден месец претходно, и со тоа оваа компанија се вивнува прва на листата на акции кои важат за најголеми добитници.

Што е она што толку ја направи интересна акцијата на оваа компанија нема прецизни информации, но од она што може да се види од нејзините последни финансиски извештаи, е дека таа работела прилично успешно во првите девет месеци и годинава, и подобро од претходно, бидејќи пораснале и нејзините приходи, но и добивката споредено со истиот перипод од минатата година.

Или, Оранжерии Хамзали Струмица, во периодот од јануари заклучно со септември годинава бележи одлична добивка од 2,61 милиони евра, што е раст во однос на истиот период лани за 32 проценти.

Инаку, во првите девет месеци од годинава оваа компанија остварила приходи од 6,2 милиони евра, што е пораст за 6 проценти во однос на истиот период лани.

За нештата да станат појасни, треба да се напомене дека Оранжерии Хамзали, компанија која се наоѓа во општина Босилево, е акционерско друштво чија претежна дејност е производство на раноградинарски култури и тоа разни сорти на домати, краставици, блага пиперка, лута пиперка,зелка, компир, жито и други култури.

Управувачки и мнозински сопственик на ова акционерско друштво е Васе Митев, кој поседува 88,57 проценти од компанијата.

Тоа значи дека овој бизнисмен има навистина голема причина за задоволство, бидејќи неговата фирма само за девет месеци од годинава има чист профит од 2,6 милиони евра.

Сега тоа го вреднуваат и инвеститорите, а доказ дека имало интерес за оваа акција е токму фактот што нејзината цена се зголемила за над 50 проценти.

Сепак, треба да се спомене дека во октомври со акциите на оваа компанија се тргувало само во еден ден, и тој е единствен ден кога имало тргување со акциите на оваа компанија во период од измината цела година. Односно, на тој ден некој купил 3.577 акции на компанијата, по цена од 308 денари, што е всушност зголемување за над 50 отсто во однос на последното тргување.

Ова значи дека или некој нагло пројавува интерес за акциите на компанијата, или, пак, самиот доминантен акционер си го доокрупнува капиталот.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close